Кипарската православна црква изразила противење во врска со песната од претставниците на земјата на овогодинешниот натпревар за песна на Евровизија затоа што, како што тврди, го величи сатаната.
Песната го носи шпанското име „Ел Диабло“, што значи ѓавол, а ја изведува грчката пејачка Елена Кагринуо. Досега, 16.500 луѓе потпишале онлајн петиција за нејзино повлекување.
„Ова е величење на фаталистичкото предавање и потчинување на силите на ѓаволот“, рекол Светиот синод на кипарската православна црква, повикувајќи ја владата да го искористи своето влијание за повлекување на песната од натпреварувањето.
Владини претставници одговорија дека ја почитуваат позицијата на оние на кои не им се допаѓа песната, но дека нејзиното повлекување не доаѓа предвид, пренесува Ројтерс.
„Владата целосно ги почитува креативните, интелектуалните и уметничките слободи кои не можат да бидат погрешно протолкувани или ограничени заради насловот на песната“, соопштил владиниот портпарол Викторас Пападопулос.
Кипарската телевизиска корпорација објави дека темата на песната е борбата меѓу доброто и злото.