Кириос: Бев во тешка депресија, ја изгубив волјата да играм тенис

од Vladimir Zorba
242 прегледи

Ник Кириос, моментално 45-ти тенисер во светот, отворено зборуваше за австралиските медиуми за неговите проблеми од минатото.

Претставникот на Дејвис купот на Австралија за „Сандеј телеграф“ раскажа како се борел со депресија во изминатите години и призна дека во тој период се чувствувал „осамен на темно место“.

Познато е дека Кириос, кој имаше бројни ексцеси на теренот и надвор од него во текот на својата кариера, започна со психотерапија во 2018 година.

Тој не игра од февруари оваа година, бидејќи не сакаше да го напушти континентот за време на пандемијата на коронавирус, што предизвика пад на светската АТП листа.

„Кога се мачев, не се работеше само за тенис. Имаше моменти кога бев во сериозна депресија. Се сеќавам дека еднаш се разбудив во Шангај, беше четири часот попладне и јас сè уште бев во кревет, во соба со навлечени завеси. Не сакав да ја видам светлината на денот. Чувствував дека не ме интересира никој како личност, дека сите сакаат да ме гледаат само како тенисер и да ме користат“, призна Кириос.

Ник, кој имаше највисок пласман во кариерата пред четири години, кога беше 13-ти во светот, вели дека тоа било страшен период за него.

„Се чувствував како да не им верувам на луѓето. Бев осамен, на темно место. И тогаш сè некако се извлече… Ја изгубив волјата да играм тенис, веќе не бев задоволен да ја играм играта, сè излезе од контрола“, рече Ник.

Пред една година беше под 16-неделна суспензија поради лошо однесување на тениски натпревари, а плати и парична казна од 25.000 американски долари.

„Паднав во депресија затоа што се замислував како друга личност. Се плашев да излезам и да разговарам со луѓе, бидејќи мислев дека сум ги изневерил затоа што не победував на теренот“, заклучи австралискиот тенисер.

Слични содржини