Кирјос се враќа на тенисот

од Vladimir Zorba
15 прегледи

Австралискиот тенисер Ник Кирјос денеска изјави дека ќе се врати во натпреварувањето на турнирот во Бризбејн кој започнува на 29 декември.

Поради проблеми со повредите на коленото и зглобот, Кирјос за повеќе од две години одигра само еден АТП натпревар, во 2023 година на турнирот во Штутгарт.

„Се чувствувам фит и здрав и возбуден сум што ќе се вратам на тенисот… Беше долг пат на опоравување за да бидам таму каде што сум денес“, рече Кирјос на прес-конференција во Бризбејн.

Неговите здравствени проблеми почнаа шест недели откако играше во финалето на Вимблдон и загуби во четири сета од српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.

„Искрено, веројатно се чувствувам најдобро што сум се чувствувал во последните две години. Играв неверојатно во 2022 година. Потоа дојде финалето на Вимблдон и УС Опен и тогаш почнав да чувствувам некои проблеми со зглобот. Имав операција и сега се чувствувам одлично“, изјави Кирјос за телевизија во Мелбурн.

29-годишниот австралиски тенисер изјави дека има намера да игра на првиот Гренд слем турнир следната година, Австралија опен во Мелбурн.

Тој планира да учествува и на егзибицискиот турнир на Светската тениска лига, од 19 до 22 декември во Абу Даби, каде што е најавено учество на Ига Швионтек, Арина Сабаленка, Каспер Руд и Данил Медведев.

Кирјос моментално нема пласман на АТП листата, а најдобар негов пласман беше 13. место.

Во текот на кариерата освои седум АТП титули.

Слични содржини