Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Стефан Кирков реагира по повод угинувањето на една женка мајмун во скопската Зоолошка градина.
„Хоророт во Скопската Зоолошка градина и натаму продолжува. Пред неколку дена, починала млада женка од врстата сијаманг – еден од најретките и заштитени видови на мајмуни во светот. Дополнително трагично е што се работи за бремена женка“, напиша Кирков на социјалните мрежи.
Тој обвини дека директорот на Зоолошката, Попов, како и неговиот заменик Стаменов, молчат за случајот.
„Истиот тој Стаменов кој закла коњи и против кого е поднесена кривична пријава, сега продолжува да раководи со ЗОО“, додава Кирков.
Според негови, како што вели, неофицијални информации, мајмунката била тајно носена во приватни ветеринарни ординации, без транспарентност и без јавноста да биде информирана за нејзината состојба.
„Ги охрабрувам новинарите да го истражат случајот. Нашата зоолошка градина пропаѓа, животните угинуваат, а никој не презема одговорност“, заклучува Кирков.
До овој момент, од Скопје ЗОО нема официјална реакција по обвинувањата.