Поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер смета дека светот би можел да влезе во опасен период како тој пред Првата светска војна, ако САД не постигнат договор со Кина за нов глобален поредок што ќе гарантира стабилност.
Ројтерс пренесува дека Кисинџер споделил дека клучното прашање е дали Соединетите држави и нивните западни сојузници можат да постигнат договор со Кина за нов светски поредок.
Влијателниот американски дипломат е на мислење дека ако тоа не се случи и ако западните сојузници не постигнат договор со Кина по ова прашање, може да се појави ситуација слична на онаа во Европа пред Првата светска војна, а некои долгогодишни конфликти може да излезат од контрола.
Тој истакна дека сега е многу поопасно отколку тогаш, затоа што високотехнолошкото оружје на обете страни може да доведе до конфликти од незамисливи размери.
Ројтерс потсетува дека овој американски дипломат, кој сега има 97 години, влијаеше на некои од најважните настани во 70-тите години на минатиот век, додека служеше како американски државен секретар под претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд.