Поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов вели дека досега немал можност да зборува и не сакал да зборува за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, заради водење на истрагата во вистински правец и доаѓање на вистината. Тој на денешното судско рочиште, при што обвинет е и тој, потсети на две можности што имал да ги направи во тој момент.
-Едната е од професионален аспект – да ја мобилизирам целокупната општинска администрација на критичниот ден и да се стават во функција на истражните органи. Самиот јас да се ставам на располагање на сите надлежни служби и да го одржам најкраткиот колегиум во мојот градоначалнички мандат, со цел овозможување на основните услови за спроведување на сите потребни активности понатаму, рече Папазов од обвинителната клупа.
Втората работа која што ја направил, вели Папазов, од глетката што ја видел на 16-ти март, е да поднесе оставка од морални причини.
-Ќе имаме можност повеќе да зборуваме кога ќе ги изнесеме доказите и одбраната, во врска со обвинението. Само сакам да констатирам дека во оваа судница, како што ветува самиот почеток, ќе бидат изнесени многу аргументи и факти кои можеби нема да му се допаднат некому, но ќе бидат првиот чекор или првиот патоказ дека сте на вистинскиот пат кон утврдување на вистината, кажа поранешниот градоначалник во своето прво јавно излагање од денот на трагедијата, па се до денешното рочиште од предметот.
На последното судење, сите рекоа дека не се виновни. За пожарот во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Кобната вечер на 16-ти март, настрадаа 63 лица, а над 200-те беа повредени.