Ќе има нови и интересни случаи за јавноста, рече Тошковски по апсењето на пензионираните инспектори поврзани со групата „Дуќанџик“

од Nikola Popovski
299 прегледи

Во рамки на доказниот материјал кој што се анализира од страна на ОЈО-ГОКК, постојат обемен број на докази. Сите анализи се прибавени од апликацијата Скај која ни е дадена од нашите меѓународни партнери. Сметам дека во иднина ќе има многу интересни случаи за јавноста, а поврзани со организиран криминал и висока корупција, рече денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за полицијата акција и приведувањето на двајца пензионирани полициски инспектори кои со години работеле како полициски кртови за криминалната група „Дуќанџик“ од скопски Грчец.

Тошковски истакна дека за двајцата поранешни полициски службеници има огромен број на докази. Најави дека ќе има и други нови случаи.

-Претпоставувам дека во иднина ќе следат поголем број на случаи кои се поврзани со доказниот материјал на апликацијата Скај, кажа министерот.

Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице во периодот од декември во 2019 година до март 2021 година оддавале службени тајни на криминалната група, соопшти Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

-Осомничените, од користољубие, се поврзале со групата и како припадници со посебна улога, поттикнати од лидерот на групата Шеваљ Муареми пренесувале службени информации на третото лице, а за тоа добивале награда. Полицајците кои биле главни инспектори за имотни деликти предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите, се наведува во соопштението на обвинителството.

Слични содржини