По многу неизвесност и дилеми дали воопшто ќе има некаков настан, Град Скопје ја објави програмата за прославата на најлудата ноќ на плоштадот „Македонија“. За дочек на Новата 2025 година ќе настапат домашните изведувачи „Sarah Mace & The Girlzz”, „Љубојна“, „Ареа“ и „Нокаут“.
Прославата за дочекот ќе зпаочне во 19.30 часот.
Музичките уметници кои лани за Нова Година ги забавуваа скопјани на плоштадот „Македонија“, го обвинија Градот Скопје дека не им се исплатени хонорарите за настапот кои им биле ветени. Како што изјавуваат, според договорот, парите што требало да им се исплатат во рок од три месеци, тие ги чекаат веќе цела година. Комората за музичка индустрија поднела тужба поради тоа што над 50 уметници не добиле никаква исплата.
Од градската администрација возвратија дека не должат ништо на музичарите со кои не ни потпишале договори и најавија тужба за Комората која беше организатор на новогодишниот дочек изминатите две години.
На почетокот на месецов, камиончиња од јавните претпријатија Комунална хигиена, Улици и патишта и Водовод и канализација донесоа новогодишни куќарки на плоштадот, а Градот Скопје почна со украсување. Куќарките се поставуваат на плочникот околу пропадната фонтана, која е заградена со црвени ленти. Во нив ќе се организира Новогодишниот базар, кој засега се уште не профункционирал.