Реорганизацијата на државната управа е се уште актуелна, особено ако се земе во предвид дека со изгласаните законски измени се зголемува бројот на министерства од 16 на 20. Дел од јавноста, но и опозициските партии не се согласија законските измени да се носат по скратена постапка и како што велат – без дебата и консултација на експертите. Критиките се упатени поради фактот дека отсега ќе имаме 20 министерства за помалку од 2 милиони жители во Македонија и зголемен број на вработени во администрација.
Каде одат реформите на администрацијата?
Експертите од областа сметаат дека ова не е реформски закон. Универзитетскиот професор Борче Давиткоски во разговор за „Локално“ вели дека ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година донесе ваков сличен закон, со кој се формираше „африканска Влада“ со скоро 30 членови.
-Оттогаш, значи повеќе од 25 години, постојано се прават реформи на јавниот сектор, но никако не се разграничија (функционалната анализа на надлежностите на постоечките министерства) надлежностите меѓу старите и новонастанатите министерства. Сега ќе биде иста ситуацијата што значи и во наредните 30 години постојано ќе правиме реформи за да ги избегнеме дуплираните, а некаде и триплинарните надлежности помеѓу министерствата!?, оценува Давитковски.
Според професорот, во теоријата постојат принципи и начела на кои мора да се темели секоја нова реорганизација на органите на управата. За жал, додава Давитковски, кај нас теоријата никој не ја консултира и почитува, ниту се слушаат и бројните невладини организации кои се занимаваат со реформите на јавниот сектор.
-Вака набрзина кројачки, шнајдерски се формираат 4 нови министерства, се разбира со цел инструментариум/вработени во нив, без направена соодветна стручно фундирана анализа. За жал,кај нас победникот го зема целиот плен, односно власта и може да прави се што ќе посака, предупредува соговорникот.
Времето, потенцира професорот, ќе покаже колку овој Закон е реформски, а колку ќе ја продолжи интенцијата за партизација на јавниот сектор што е ракот на нашиот политички систем.
-Многу скоро граѓаните ќе ги „почуствуваат“ бенефициите од ваквите „реформски“ закони, а и извештаите на ЕУ за состојбата во јавниот сектор, секако ќе го истакнат и овој Закон, дециден е Давитковски.
За новата реорганизација на министерствата, поразговаравме и со Јулијана Караи, која е виш истражувач при Институтот за европски политики, експерт за јавна администрација. Објаснува дека ако ги следиме препораките на Европската комисија сите изминати години, недвосмислено се нагласуваше дека продолжувањето на процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, дигитализацијата и интероперабилноста, како и донесувањето на Законот за висока раководна служба се од клучно значење за напредокот на реформата на јавната администрација.
-Подготовката на Законот за организација на државната управа започна уште во 2021 година поради утврдениот недостиг на рационална организација на органите на централната власт и непостоењето јасни линии на отчетност и одговорност што негативно се одразува пред се’ на испораката на услугите кон граѓаните поради слабата ефикасност на органите на државната управа. Тој процес во тоа време затаи, дали поради отпорот на одредени функционери или поради недоволната решеност да се надминат овие горливи прашања, вели Караи во разговор за „Локално“.
Според неа, сега, со донесувањето на законот овој процес на реорганизација конечно формално ќе започне, но треба да се има предвид дека станува збор за исклучително голем предизвик кој ќе бара и време и голема политичка волја за негово спроведување.
-Сепак, би сакала да нагласам дека на донесувањето на законот не претходеше консултација со јавноста, а не сум во тек ни дали претходел процес на подготовка на проценка на влијание на регулативата што е првиот чекор во постапката на донесување на законите. Како што беше објаснето од страна на ВМРО ДПМНЕ, законските измени, биле работени со претставници на ЕУ и се дел од ИПА програмата, така што претпоставувам дека бил земен предвид Извештајот од ноември 2021 година подготвен од страна на ИПА Проектот за поддршка на реорганизацијата на органите на државната управа, поддржан од ЕУ.
Она што е јасно е дека во моментов делумно се адресира предизвикот наречен реорганизација на целокупната државна управа преку неколку приоритетни интервенции на постоечката законска рамка и соодветно утврдување на надлежностите на министерствата, објаснува Караи.
За потсетување, реорганизацијата првично започна во 2022 година во вид на пилот проект што го спроведуваа Министерството за информатичко општество, Министерството за земјоделство и Министерството за економија. Тогаш, беше предвидено во пилот фазата овие три министерства да ја реорганизираат работата и да ги укинат оние тела кај кои се јавуваше преклопување на надлежностите, но засега Караи нема информација каков е статусот на оваа „вежба“.
На прашањето дали ова значи „полнење“ на администрацијата со партиски војници, експертката вели дека лично се радува што процесот мрдна од мртва точка, иако со зголемување на бројот на министерства наместо со нивно намалување, „но би сакала да верувам дека тоа нема да значи формирање нови агенции, установи итн., односно дека отсега ќе постои јасна линија каде завршуваат ингеренциите на едно, а каде започнуваат истите на друго министерство“.
-Исто така, се најавува постигнување на рационализирана алокација и групирање на функциите во министерствата. Ова се несомнено позитивни тенденции, така што, би му дала шанса на обидот за реорганизација, без шпекулации дека ова е само нова можност за партиски вработувања, додава Караи.
Запрашана дали и како очекува со новите институции, граѓаните да добијат подобра услуга од државата, експертката истакнува дека новата Влада е исправена пред голем предизвик, бидејќи оваа реформа бара многу време, посветеност и административен капацитет.
-Сметам дека е рано да се каже дека придобивките ќе се почувствуваат за брзо време, но битно е од некаде да се започне, а целта на сето ова е секако поголема ефикасност, а со тоа и подобри услуги, заклучува соговорничката.
Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски синоќа истакна дека со Законот за реорганизација на министерствата се отворил патот кон реформите. Според него, Македонија е едната од ретките држави во која што министерствата се формирани со закон во 2000-тата година што значи дека 24 години никој односно многу мали биле можностите да промени.
-Затоа фокусот на овој закон освен реорганизација на министерствата, почитување на дел на препораките на ЕУ преку Сигма извештаите, третиот дел беше ургенции во дел од законот кои што не се никогаш променети, а материјалната состојба е променета. На пример имате управи, агенции, служби кои што воопшто не постојат повеќе како што е на пример Агенцијата за информации, кои што никогаш не биле укинати со овој закон. Значи според словото на овој закон тие се уште би требало да постојат, појасни Андоновски.
Со 88 гласа „за“, 22 „против“ и без воздржани, Собранието во саботата наутро го донесе Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што се отвори пат за реструктуирање на државната власт.
Предлог-законот беше доставен на собраниска седница во петокот на разгледување по скратена постапка. Истиот ден помина низ Комисијата за политички систем и правната комисија. Во идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, за која мандат доби претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо досегашните 16, ќе има 20 министерства.
За измените на законот гласаа и неколкумина од народните избраници од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, за кои беше потребна поддршка од 80 пратеници. Со новиот Закон, Министерството за економија го интегрира ресорот – Труд, а Социјална политика се проширува со демографија и млади. Треба да се надгради она за Дигитална трансформација и администрација, а Култура ќе ја опфати и туристичката дејност. Реорганизацијата креира нови министерства – за Спорт, и за Енергетика, рударство и минерални суровини.
Н.П.