Иран денеска успешно тестираше балистичка ракета со потенцијален дострел од 2.000 километри, објавија државните медиуми, два дена откако шефот на вооружените сили на Израел изјави дека постои можност за „акција“ против Техеран поради неговата нуклеарна програма.
Исламската Република, која ја има една од најголемите ракетни програми на Блискиот Исток, вели дека оружјето е способно да стигне до базите на главните непријатели на Иран – Израел и САД.
И покрај противењето на САД и Европа, Техеран вели дека ќе продолжи да ја развива својата „одбранбена“ ракетна програма.
„Нашата порака до непријателите на Иран е дека ќе ја браниме земјата и нејзините достигнувања. Нашата порака до нашите пријатели е дека сакаме да ѝ помогнеме на регионалната стабилност“, изјави иранскиот министер за одбрана Мохамадреза Аштијани.
Државната телевизија објави снимка од лансирањето на унапредената верзија на иранската балистичка ракета „Корамшар 4“ со дострел од 2.000 километри, која може да носи боева глава од 1.500 килограми.
Државната новинска агенција ИРНА соопшти дека проектилот на течно гориво го добил името „Хајбар“, по еврејската тврдина заземена од муслиманските воини во раните денови на исламот.