Во Собранието во 11 часот треба да започне пленарната седница за уставните амандмани. Постапката е веќе започната со тоа што Комисијата за уставни прашања на 25 јули гласаше за потребата од уставни измени и заклучоците ги проследи до Собранието.
Измените во Уставот се однесуваат на додавање на делови од народот во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, кога се набројуваат делови од народот во државата.
Во текстот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други“, е ставена запирка по бошњачки народ и се додава: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египетски народ.
Денеска Собранието најпрво треба да се изјасни на дневен ред со една точка – Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија, за што се потребни 61 глас. Потоа започнува дискусијата за предлогот.
Како што е наведено во член 196 став 1 од Деловникот, предлогот за пристапување кон измена на Уставот ќе се разгледува на седницата на Собранието во целина, која не може да трае подолго од десет работни дена.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласа. Доколку не е присутно потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.
Доколку потребата од уставни измени се усвои со двотретинско мнозинство, Собранието донесува заклучок и материјалот го испраќа до Владата. Собранието со својот заклучок го определува рокот во кој подносителот на барањето, односно Владата го подготвува текстот на предлог-амандманот на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието ќе расправа за нив во истата процедура во однос на роковите, објаснуваат од собраниската прес-служба.
Ова е веќе втора фаза од постапката за измена на Уставот, која опфаќа подготовка и утврдување нацрт-амандмани.
Деловните рокови предвидуваат од моментот на поднесување на амандманскиот предлог до Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување да поминат најмалку 30 дена. Во оваа фаза, разгледувањето на секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу три дена и во комисијата и на пленарната седница, но повторно – бидејќи секој пратеник може да зборува вкупно не повеќе од 20 минути, оваа фаза теоретски може да се заврши. побрзо од максимално дозволените рокови.
Откако Собранието го изгласа амандманскиот предлог со најмалку 61 глас, тој оди на јавна расправа, што е меѓуфаза пред третата завршна фаза од постапката за измена на Уставот. По јавната расправа, чие времетраење го одредува Собранието при усвојувањето на нацрт-амандманите, Владата ќе треба да ги подготви предложените амандмани. И повторно треба да поминат најмалку 30 дена од моментот на поднесување на амандманскиот предлог до Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување.
За измени на Уставот е потребна поддршка од 80 пратеници. Во најдобар случај, доколку се прошири сегашното пратеничко мнозинство од 64 на вкупно 72 пратеника, за гласање на уставните измени ќе бидат потребни уште 8 пратеници од опозицијата. Во моментов нема никакви информации како би можело да се обезбеди ова мнозинство.
Измени на Уставот со вметнување на Бугарите во Преамбулата е услов кој произлегува од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на македонскиот пристапен процес во ЕУ. Последни уставни измени беа направени со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција кога државата го промени своето име во Северна Македонија.