Ќе поскапат ли горивата со затварање на бензиските пумпи на „Лукоил“ во Македонија?

-Наредбата на Трамп доведе до ситуација во која дури и фирми регистрирани во странство, но под руска контрола, се најдоа на удар на американските санкции. Тоа важи и за Лукоил Македонија ДООЕЛ, која формално е македонска компанија, но во целосна сопственост на швајцарската LITASCO S.A., трговскиот крак на Лукоил како краен сопственик, објави проф. Дејан Трајковски

од Nikola Popovski
69 прегледи Фото: Фејсбук

Новите санкции на САД против руските енергетски компании го отворија прашањето што ќе се случи со Лукоил и со снабдувањето со гориво во земјава. Со потпишувањето на извршната наредба претседателот Трамп воведе строги ограничувања за руските гиганти Лукоил и Роснефт. Санкциите не важат само за матичните фирми во Русија, туку и за сите нивни подружници во светот во кои имаат најмалку 50 проценти сопственички удел. Се поставува прашањето дали тоа ќе влијае на снабдување со горива на македонскиот пазар и дали истите ќе поскапат?

-Оваа наредба доведе до ситуација во која дури и фирми регистрирани во странство, но под руска контрола, се најдоа на удар на американските санкции. Тоа важи и за Лукоил Македонија ДООЕЛ, која формално е македонска компанија, но во целосна сопственост на швајцарската LITASCO S.A., трговскиот крак на Лукоил како краен сопственик. Со тоа, македонската подружница индиректно потпадна под потенцијален ризик од санкции, иако во моментов нема забрани за нејзино работење. Во обид да ја избегне блокадата на своите средства во странство, но и банкарските трансакции, Лукоил објави продажба на сите свои меѓународни компании и актива на кипарско-швајцарската групација Гунвор, напиша универзитетскиот професор Дејан Трајковски.

Гунвор, купувачот на меѓународните средства, е основан во Швајцарија, а во јавноста е познат по својата некогашна поврзаност со рускиот бизнисмен Генадиј Тимченко, близок до Кремљ. Тимченко го продал својот удел уште во 2014 година, но врските со Русија и натаму остануваат нејасни. Американскиот OFAC најави внимателен надзор над зделката. Ако OFAC ја одобри трансакцијата, бизнисот со гориво ќе продолжи нормално, без никакви прекини и последици.

Македонските институции Регулаторната комисија за енергетика и Владата засега не очекуваат прекин во снабдувањето, но банкарскиот ризик останува главна непознаница. Речиси сите меѓународни плаќања во енергетиката се во американски долари и поминуваат преку американски посреднички банки кои мора да ги почитуваат правилата на OFAC.

-Македонија, како земја-кандидатка за членство во ЕУ, мора целосно да ги следи европските санкции против Русија и индиректно да се повикува и на американските, преку банкарскиот систем. Ова е уште еден пример дека санкциите денес немаат граници. Со доминацијата на доларот и контролата над SWIFT, САД можат да воведуваат финансиски санкции врз било која земја без потреба од резолуција на Обединетите нации. Едноставно – им се може. Така земјите и компаниите се принудени слепо да ги следат санкциите за да не бидат и самите исклучени од системот SWIFT за меѓународни плаќања. Ова уште повеќе ја потенцира потребата на земјите да формираат независен блок, кој нема да биде зависен од САД и американскиот долар, пишува Трајковски.

Тој смета дека ако продажбата на актива на Гунвор биде одобрена од OFAC и извршена, работењето ќе продолжи нормално. Но, доколку зделката не биде потврдена, можна е реална продажба на подружницата на македонски сопственик и ребрендирање.

За разлика од Србија, каде Газпром Њефт контролира најголем дел од пазарот со нафтени деривати и не сака да ја продаде својата подружница, во Македонија Лукоил има мал пазарен удел, а освен тоа самиот Лукоил реши да ги продаде своите меѓународни подружници, вклучувајќи и ЛУКОИЛ Македонија ДООЕЛ. На тој начин во Македонија ќе биде избегнато нарушување на пазарот со нафтени деривати.

Слични содржини