Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за прашања на изборите и именувањата и Законодавно правната комисија.
Утврдување предлог-одлука за избор на претседател, членови и нивни заменици на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, е единствената точка по која ќе дискутираат членовите на Комисијата за изборите и именувањата. На дневниот ред на Законодавно – правната комисија се Предлог – одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, по скратена постапка.
Пред девет дена, со 82 гласа „за“, без против и воздржани, пратениците денеска донесоа одлука за основање анкетна комисија за скандалот. Предлогот поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беше поддржан од повеќето присутни пратеници. Мнозинството од шест пратеници и претседател ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ, двајца од ДУИ и еден од Алијанса. Анкетната комисија ќе има право да предлага сведоци, експерти кои ќе даваат изјави пред пратениците во врска со случајот и во рок на еден месец треба да достават извештај до собранието со кој ќе се утврдува политичка одговорност.
Тим од јавни обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство Скопје преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, соопштуваат од Јавното обвинителство, во однос на објавените информации дека со години на клиниката имало злоупотреби со лековите за болните од рак.
Пред три дена, тим од обвинители од Јавното обвинителство соопштија дека биле во косовското Обвинителство и оствариле директна средба за обезбедување докази во врска со предистрагата поврзана со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Од косовските органи, преку контакт-точките во Европската правосудна мрежа, се побарани конкретни податоци неопходни за проверка на наводите врз основа на кои беше отпочната предистрагата. Притоа, косовските обвинители изразија подготвеност за соработка и за обезбедување на потребните податоци.
-Во следниот период, во зависност од потребите на предистрагата за обезбедување докази, слична ваква средба ќе биде организирана и во обвинителството во Република Албанија, додаваат од ЈО.