Ќе се градат кружен тек кај Народна банка и монтажни катни гаражи на Клинички

Усвоен ребалансот на градскиот Буџет - се зголемува за 166 милиони денари

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/Град Скопје

Советот на Град Скопје на денешната седница го усвои ребалансот на Буџетот со кој средствата се зголемуваат за дополнителни 166 милиони денари, наменети за нови капитални инвестиции во градот. Од Град Скопје информираат дека зголемувањето на буџетот е резултат на домаќинско и одговорно работење, без нови задолжувања. Со ребалансот е предвидена изградба на нов кружен тек во близина на Народната банка на Република Северна Македонија, со цел подобрување на сообраќајната проточност на една од најоптоварените сообраќајни точки во градот.

Паралелно, Град Скопје ќе започне и со изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза”. Проектот предвидува околу 500 нови паркинг места и инвестиција од околу три милиони евра, со што се очекува значително да се намали долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс.

„Особено е важно што ова зголемување не е резултат на нови задолжувања, како што тоа често било пракса во минатото. Напротив, ова е пример како со домаќинско и одговорно работење, со дисциплина и посветеност, се создава простор за повеќе инвестиции и повеќе проекти кои директно го подобруваат животот на скопјани.

„Со овој ребаланс вложуваме и во образованието, затоа што иднината на Скопје почнува токму во училишните клупи. Инвестираме во топлотни пумпи, со што повеќе нема да има училиште во рамки на Град Скопје кое ќе се грее на нафта. Тоа е голем чекор напред кон почист воздух и поздрава животна средина за нашите деца. Дополнително поставуваме фотоволтаици, вложуваме во санација на училишните дворови и поставување нова урбана опрема, создавајќи подобри, побезбедни и помодерни услови за младите генерации“, стои во објавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.