Ќе се менува Законот за јавен ред и мир: Строги контроли за употреба на огномет и пиротехника

од Даниел Ѓорѓиевски
81 прегледи

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави измени на Законот за јавен ред и мир со цел да се воведе поголем ред и безбедност во употребата на пиротехнички средства, особено во затворен простор. Измените ќе се усвојат по скратена постапка, со што ќе се создадат нови механизми за заштита од потенцијални трагедии и хаварии.

Како што објасни пратеникот Тони Јаревски, измените на законот ќе имаат за цел да ги стеснат можностите за злоупотреба на пиротехнички средства и да воведат поостри казни за оние кои ќе ги прекршат правилата. Тој истакна дека законските измени се фокусирани на заострување на регулациите за огномети, факелијади и слични јавни настани на кои се користат експлозивни материји.

„Со овие измени, ќе се прошири надлежноста на полицијата и ќе се овозможи поголема контрола при користењето на експлозиви. Казните за правни и физички лица кои ќе ги прекршат законските одредби ќе бидат двојно повисоки, а во некои случаи, законот предвидува и затворски казни“, нагласи Јаревски.

Тој додаде дека ова е само едно од законските решенија што ќе се предложат во текот на оваа седница во Собранието, при што ќе бидат поднесени и други предлози кои се подготвуваа изминатите две недели. Јаревски повика сите пратеници да го поддржат овој закон, нагласувајќи дека станува збор за важна и суштинска промена која се однесува на безбедноста на сите граѓани.

„Ги повикувам сите мои колеги пратеници да го поддржат овој предлог-закон, бидејќи неговото усвојување ќе има директен позитивен ефект врз нашата безбедност. Ја охрабрувам и пошироката јавност да учествува во дискусијата и да предложи сугестии за да ги донесеме најдобрите решенија“, додаде Јаревски.

Со оваа промена на Законот за јавен ред и мир, ВМРО-ДПМНЕ се надева на значителен напредок во заштитата на јавната безбедност и спречувањето на несреќи поврзани со злоупотребата на пиротехнички средства.

Слични содржини