Ќе се потпише Анекс со ЕУ со кој Коридорот 8 влегува во мрежата главни коридори во регионот и во Унијата

од Vladimir Zorba
259 прегледи

Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информацијата за Анекс на Одлука на Европската комисија, за потпишување „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Северна Македонија”.

Владата го овласти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, да го потпише документот, што е предвидено да се случи следната недела во Црна Гора.

Со потпишувањето на овој Анекс, како што е образложено од Министерството за транспорт и врски, Коридорот 8 станува дел од мапата на главните коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија.

Ова е овозможено, откако Европската Унија го прифати барањето на Северна Македонија, Бугарија, Италија и Албанија, Коридорот 8 да влезе во мрежата главни коридори во регионот и во Европа, препознавајќи го поврзувањето со Коридорот 8 од значење и за Северна Македонија и за регионот и за Европска Унија.

Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство. А откако Европската комисија во декември 2021 година предложи ревизија, со цел да ги вклучи приоритетите од зелената агенда, стратегијата за одржлива и паметна мобилност и стратегијата за поврзување, донесена е одлуката за продолжувања на индикативните карти на ТЕН-Т на конкретни соседни земји, вклучително и на регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Северна Македонија, Србија и Црна Гора).

Индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа, продолжени до Северна Македонија, имаат за цел да обезбедат кохерентност помеѓу Транс-европската транспортна мрежа на ЕУ и транспортната мрежа на Северна Македонија; да промовираат соодветно планирање и развој на одржливо и ефикасно транспортно поврзување помеѓу ЕУ и Северна Македонија; олеснување на идентификувањето заеднички инфраструктурни приоритети меѓу ЕУ и Северна Македонија; олеснување на развојот на постојната транспортна мрежа.

На средбата, на којашто ќе биде потпишан Анексот помеѓу Северна Македонија и ЕУ, покрај министерот Бочварски, се очекува присуство на сите министри за транспорт во регионот, како и на претставници на Транспортната заедница и на Европската комисија, при што ваков анекс ќе се потпише меѓу сите држави од регионот и Европската комисија.

Слични содржини