Ќе се случи ли „мек притисок“ за поместување на ставовите на македонската влада за време на посетата на Урсула фон дер Лајен? „Можни нови моменти и нов предлог пред Нова година“

Ќе донесе ли оптимизам посетата на комесарката Урсула фон дер Лајен? „Условите за влезот во ЕУ се подобри, но не се целосно поволни“

од Бисера Трајковска
33 прегледи

Скопје ќе биде последната станица на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзината обиколка низ Западен Балкан. Дали токму оваа посета на комесарката, која ќе се одржи во среда, ќе стане причина за оптимизам дека ќе бидеме чекор поблиску до Унијата? 

Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС) коментирајќи околу тоа какви пораки очекува за време на посетата, за „Локално“ потенцираше дека не очекува големи промени на повидок. 

Како што посочи, не постои висока веројатност за друга порака, освен политички симболично искажаната волја за земјата и регионот да бидат дел од Унијата, како и поттик за внесување на Бугарите во Уставот и откочување на нашиот преговарачки процес. 

-Можно е да се случи евентуална промена на методологијата на начинот на гласање, но некои нови промени се уште не се на повидок, иако има иницијативи кои што не се нови, околу квалификувано мнозинство на почеток и на крајот на преговорите или едногласност. Ова е иницијатива на дел од земјите кои се про проширувањето, меѓутоа до сега немаат поддршка од другите земји, рече Трошановски.

Според Трошановски, ова би можело да биде „game changer“, но не очекува друга поинаква порака, освен политички симболично искажана волја за земјата и регионот да бидат дел од Унијата.

-Сметам дека ништо суштински нема да биде променето, меѓутоа секако е за поздравување нејзиното доаѓање тука и она што и понатаму Унијата покажува сепак некаква проактивност и волја за регионот да се интегрира што побрзо, додаде Трошановски.

Тој посочи оти не верува дека ќе има „мек притисок“ за поместување на ставовите на македонската влада во однос на евроинтеграциите или пак дека нешто значително би се променило. 

-Тој „мек притисок“ постојано е тука, но не верувам дека нешто значително ќе биде променето. Така што, не верувам дека ќе има нешто повеќе од тоа што до сега имало како „мек притисок“, поттикнување или охрабрување, како што дипломатите политички милуваат да кажат, додаде Трошановски.

„Сакам многу добри односи и тесна соработка со земјите од европскиот Балкан и ова ќе биде во фокусот на моите приоритети за време на моето претседателствување со Европската комисија“. Ова е изјава на Фон дер Лајен од 2019-та година. 

Фото: Солуција

Прашан каде е Македонија шест години подоцна – поблиску или подалеку од ЕУ, Трошановски одговори дека сме дефинитивно чекор поблиску, со оглед на тоа што шест години немавме ниту почнато со отворање на првата Меѓувладина конференција.

Сепак, посочи, имаме и застој поради бугарското и грчкото вето.

-Дефинитивно сме чекор поблиску, со оглед на тоа што пред шест години немавме ниту започнато со отворање на првата Меѓувладина конференција. Имаме поместување, меѓутоа исто така има и застој поради бугарското и грчкото вето. Разликата е во тоа што сега барем имаме поминато чекор понатаму и во Унијата се разговара се погласно и посериозно за олабавување на пристапниот процес, односно намалување на индивидуалните вета од земјите членки и негова злоупотреба, додаде Трошановски.

Тој смета дека условите сега се подобри, но не целосно и не се поволни, не само за нас туку и за останатите земји кои аспирираат да бидат дел од ЕУ.

-Условите се подобри, но не целосно и не се поволни, не само за нас, туку и за останатите земји аспиратни, зад кои што постојано демнат вета од други земји членки, кои што имаат интерес, своите индивидуални државни интереси да ги протуркаат како европски прашања и теми, додаде Трошановски.

Во однос на тоа дали сепак треба да имаме причина за оптимизам, Трошановски одговори дека не гледа простор за промена во блиска иднина.

-Не би рекол дека има голем простор за промена во блиска иднина, со оглед на тоа што еве веќе втор пат се тестира расположението на земјите членки. Околу 18 земји го поддржуваат проширувањето, кое што не е заложник на еднострани вета односно на едногласноста, но тоа не е доволно. Нема на повидок никаква промена и никакво поместување кај останатите земји, посочи Трошановски.

Извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски, по однос на тоа какви очекувања има за посетата, за „Локално“ вели дека комесарката Урсула фон дер Лајен повторно ќе се обиде да  ја убеди нашата влада за уставните измени и порака да не се пропушти моментот. 

Тој вели дека заради изборите, не очекува нови моменти.

-Како и претходните пати, Урсула фон дер Лајен ќе се обиде да ја убеди нашата влада за уставните измени и порака да не се пропушти моментот. Одговорот од нашата влада ќе биде повторно дека процесот треба да биде достоинствен. Заради изборите, не очекувам нови моменти, додаде Николовски.

Тој е на ставот дека до нови моменти и некаков нов предлог од нашата влада може да дојде пред Нова година.

-Шест години подоцна Македонија е на статус кво. Затоа имаме и ние и ЕУ заслуга, но сепак топката е во наши раце веќе подолг период, посочи Николовски.

Како што напомена, одговорноста лежи токму кај нас.

Б.Т.

Слични содржини