Ќе се соочи со Путин: Борис Надаждин ги достави потписите за претседателската кампања до ЦИК

од Stefanija Kuzmanovska
201 прегледи

Кандидатот за претседателските избори во Русија, Борис Надеждин денеска до Централната изборна комисија (ЦИК) ги достави собраните потписи за поддршка за неговата кампања и со тоа стана единствениот кандидат на претстојните избори кој недвосмислено се залага за крај на војната во Украина.

Војната во Украина, која во Москва ја нарекуваат „специјална воена операција“, тој ја нарече „фатална грешка“ и изјави дека ќе се обиде да стави крај на војната преку преговори, пренесува „Ројтерс“.

Надеждин собра 105.000 потписи за поддршка во најмалку 40 региони, што е за 5.000 повеќе од законскиот минимум потребен за кандидат номиниран од политичка партија.

Критичарите на Кремљ велат дека на Надеждин, кој бил редовен гостин во програмите на државната телевизија во кои се разговарало за војната, не би му било дозволено да стигне до тука во толку строго контролиран политички систем без благословот на властите, што тој го негира, пренесува „Ројтерс“.

Од друга страна, неговите отворени изјави за војната во Украина ги поттикнаа шпекулациите дека тој можеби ја преминал „неизговорената црвена линија“ и дека ќе му биде забрането да се кандидира на технички план или ќе биде принуден да се откаже.

Во говорот за време на предавањето на потписите на ЦИК, Надеждин нагласи дека сите потписи се собрани во Русија, во согласност со правилата, а не се вклучени оние собрани во странство и додаде дека неговата кампања е финансирана од донации од десетици илјади „обични луѓе“.

На Путин, кој одлучи да се кандидира како независен кандидат, а не како кандидат на владејачката партија Единствена Русија, му требаат 300.000 потписи, а веќе, според некои извештаи, собрал над 3,5 милиони потписи.

Слични содржини