Ќе свирне ли железничарот дека трга возот? Македонија и Бугарија со нови заложби за Коридорот 8

од Илинка Илиоска
230 прегледи

Бугарија и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност за изградбата на железничкиот Коридор 8, следејќи ја Регулативата за трансевропска транспортна мрежа, пренесува БГНЕС. Ова беше истакнато по средбата во Брисел, на која присуствуваа претставници од Европската комисија, како и официјални лица од двете земји, вклучувајќи го и заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Бисер Минчев, и државниот секретар на Министерството за транспорт на Северна Македонија, Стефан Волкановски. Средбата ја поддржаа финансиските институции ЕИБ и ЕБОР, како и Секретаријатот на Транспортната заедница.

Во интерес на соработката, двете страни се договорија за редовен дијалог на високо ниво и формирање на заедничка работна група за проектот Коридор 8. Министерствата за транспорт на двете земји ќе соработуваат на изнаоѓање на координирани технички решенија за прекуграничниот дел од коридорот, при што ги поздравуваат и поддршката на Европската комисија и Европскиот координатор за Западен Балкан – Источен Медитерански Коридор.

„Коридорот 8 е клучна железничка врска за целиот регион и за Европската Унија. Тој ќе овозможи побрз транспорт на стоки и патници, зголемена мобилност и конкурентност во Западен Балкан. Комисијата ја поздравува посветеноста на Бугарија и Северна Македонија за проектот, што покажува желба за регионална соработка, која е од суштинско значење за иднината на двете земји“, се наведува во ставот на Европската комисија.

Покрај позитивниот став за изградбата на Коридорот 8, Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, призна дека Србија активно учествувала во стопирањето на овој проект, кој е планиран да го поврзе Црното Море со Јадранското Море. Весиќ истакна дека Србија сака да се позиционира како централна земја низ која минуваат сите важни железнички линии, а не да биде окружена со инфраструктурни проекти како Коридорот 8.

БГНЕС истакнува дека „првата акција на Владата на Христијан Мицкоски во Македонија беше да се запре изградбата на Коридорот 8“.

Слични содржини