Коалицијата ВЛЕН денеска ја обвини ДУИ дека со приватна прослава сака да го девалвира државното и институционалното одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Саранда Имери, која е ќерка на Имер Имери – еден од потписниците на Договорот пред 23 години, му се обрати на претседателот на ДУИ, Али Ахмети:
-Никој нема право да ги приватизира придобивките за Албанците од Охридскиот рамковен договор. Затоа, апелирам до вас да не правите меѓу нашиот народ. сите трба да го одбележуваме овој ден со почит. Во прилог ја покажувам оваа слика, на која јавноста може да види кои беа и другите протагонисти на потпишување на Договорот, истакна Имери на прес-конференција.
Според неа, „албанскиот патриотизам“ не смее да се стави во одбрана на криминалот и нечесни политичари.
Како што истакнува пратеничката на ВЛЕН, загинатите и живите борци на УЧК, но и потписниците – Имер Имери и Арбен Џафери имале искрени намери и не се бореле и не работеле за наместени тендери и лично богатење.
Имери бара да не се „сквернави“ 13-ти август 2001 година, датум кој, според неа, донесе мир. Се надева дека во ДУИ ќе ја прифатат поканата да присуствуваат на државното одбележување на денот.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имери и на ДПА, Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.