Новиот координатор на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку денеска информира дека нивната пратеничка група брои 9 членови, при што очекува во наредните денови да им се приклучи уште еден пратеник. Тој извести дека со 10 пратеници ќе бидат најголемата албанска пратеничка група во Собранието. Не исклучува да стигнат и до повторна бројка од 14.
Засега, пратениците кои доаѓаат од редовите на ВЛЕН, покрај Ќоку се Африм Гаши, Аднан Азизи, Беким Сали, Мерита Коџаџику, Калтрина Беќири, Имерлије Салиу, Саранда Имери и Фериде Хаџиу.
Ќоку појасни дека пратениците остануваат лојални на договорот кој се склучил со членовите на ВЛЕН и дека ги поддржуваат нивните политики. Упати апел до другите пратеници, особено до оние го поддржаа крилото на Арбен Таравари, да се вратат во групата, за да го спроведат до крај мандатот кој го добиле од граѓаните.
-Локалните избори наесен ќе бидат доказ дека бевме и сме во право и дека она што го направивме, навистина вредеше, додаде координаторот на пратениците од ВЛЕН.
Појасни дека имаат разговори и со други пратеници, особено со оние од редовите што го поддржаа довчерашниот министер за здравство.