„Во рок од две недели, Северна Македонија ќе ги достави уставните измени до парламентот за вклучување на Бугарите“. Ова за бугарските медиуми го соопштил европратеникот и специјален известувач на Европскиот парламент за напредокот на нашата држава, Илхан Ќучук.
Тој негирал дека му вршеле притисок да го одложи гласањето за есенскиот извештај на ЕП. Причината за одложувањето на извештајот е што минатата недела европратениците не се согласиле во него да се вклучат темите од билатералните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија.
„Немаше притисок од ниту една земја, ниту бугарска, американска, ниту македонска, ниту пак некој од моите колеги вршеше притисок“, посочил Ќучук.
Како што тврди, добил уверување дека уставните измени влегуваат во македонскиот Парламент.
„Или оваа или следната недела, конкретните предлози треба да бидат доставени од работна комисија и соодветно да бидат разгледани во Народното собрание на Северна Македонија“, рекол Ќучук.
Нема конкретен датум до крајот на 2023 година за европратениците да го усвојат извештајот за напредокот.
„Јасно сфаќаме дека ако треба да се гласа за извештајот некаде во септември, два дена пред или потоа, мора да се гласа за текст поврзан со промена на уставот токму во овој дел. Ова би значело дополнително расположение и емоции. Не би го дозволил тоа како професионален политичар“, додал тој.
Измените ќе бидат на три места во основниот македонски закон, каде ќе се додаваат националностите – бугарска, хрватска, црногорска, словенечка, еврејска и египетска. Уредувањето во текстовите е предвидено по веќе признатиот бошњачки народ.