Директорот на КК Работнички АД Скопје, Горан Веселиновски неделава одржа состанок со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на кој се разгледувале неколку теми, соопштија од клубот.
Приоритет во следниот период ќе биде стабилизирање на финансиската состојба на клубот, кој се наоѓа во сериозна финансиска криза. Новото раководство се стреми кон анулирање на сите долгови со кои беше затечен клубот, со цел да се овозможи непречена работа на спортскиот колектив кој е синоним за македонската кошарка. За таа цел, во тек е ревизија на финансиите која ќе ја даде моменталната реална финансиска слика на клубот и која ќе биде достапна на увид на јавноста.
Освен покривањето на заостанатите долгови, новото раководство се обидува да ја возобнови младинската школа која некогаш беше заштитен знак на Работнички, од која произлегоа многу македонски кошаркарски ѕвезди кои настапуваа во најсилните регионални, европски и светски кошаркарски лиги. Младинската школа на Работнички ќе биде главниот извор на играчи, за клубот од Градски парк.
Враќањето на верната публика на Работнички е високо на приоритетната листа на новата управа, а тоа може да се направи само со домаќинско работење низ долгогодишен процес, со цел да се врати имиџот на еден од најпрепознатливите македонски спортски брендови. На Работнички му треба публиката, на публиката и треба Работнички. Оваа вечна и нераскинлива врска е основата на која постои дебармаалскиот клуб.
Новите челници на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив очекуваат и проширување на Управниот одбор на клубот, со цел да се состави управувачки и менаџерски тим кој ќе придонесе за враќањето на славата и реномето на црвено-белите.
Во тек е изработка на проект за реновирање на салата „Градски парк”, која е домот на Работнички и која треба да се претвори во репрезентативен објект со сите услови што се потребни за функционирање на еден колектив каков што е Работнички. По изготвувањето на проектот и проценката на трошоците, ќе се утврдат следните чекори по ова прашање.
Во тек е формирање на квалитетен стручен штаб и ангажман на првотимци, кои ќе ги бранат боите на Работнички во рамките на следната сезона. Воедно, дел од младинците ќе бидат префрлени во првиот тим.
Со цел навремено и официјално информирање на јавноста и медиумите за сите активности на КК Работнички АД Скопје, во тек е подготовка на веб-страна, Фејсбук страна и Инстаграм профил кои ќе бидат официјалните гласила на нашиот клуб.
Функцијата контакт со јавноста, ќе ја извршува спортскиот новинар од Македонската Телевизија, Бранко Чупески, се додава во соопштението.