Клековски: Бугарија на 6 милиони жители има 35 болници, a ние еден онколошки центар на 1,5 милиони

од Nikola Popovski
174 прегледи

Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски порача дека моментално треба да видиме какви ни се потребите во здравството. Смета дека „имаме здравствен систем од минатиот век“.

-Ние мора да погледнеме кои се здравствените потреби сега. Ние имаме Клинички центар кој конзумира по половина од јавното здравство во Македонија и за потребните таблети за рак треба да патувате од Дебар, Пробиштип или од Струмица до Скопје, рече Клековски во емисијата „Клик плус“.

Според неговите зборови, не може на еден ипол, два милиони население да имаме еден онколошки центар.

-Не може на еден ипол, два милиони население да имаме еден онколошки центар кој ќе има радиотерапија и таргетирана терапија или биолошка терапија. Бугарија на 6 милиони жители има 35 болници, одели кадешто се аплицира таргет или биолошка терапија. Значи ние мораме да го децентрализираме системот и тоа е делот од стратегијата, истакна Клековски.

На Клиниката за онкологија се повторува проблемот со недостиг на лекови, административни и тендерски процедури, и покрај тоа што Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ѝ одобри дополнителни пет милиони евра на оваа клиника за 2024 година. Краток период недостигаа шест лекови. Пациентите бараат надлежните да најдат решение, апелираат во иднина овие лекови да бидат на позитивната листа и да се стави крај на проблемот што се провлекува со години.

За да се стави крај на проблемите што се провлекуваат со години неопходен е регистар на болни од канцер. Така ќе се знае колку пациенти треба да примаат биолошка терапија. Од Фондот велат – не се проблем финансиите, туку Буџетот несоодветно се планирал.

-Да има јасни и транспарентни критериуми за доделување терапија бидејќи и во идеални случаи ќе нема сто посто покриеност на сите пациенти. Треба да биде јасна врската меѓу дијагнозата и терапијата и јасно следење на количините и нивното издавање, тоа е нашата потреба, изјави неодамна Клековски.

Слични содржини