Клековски: Лекувањето на изгореници е долг процес, пациентите од Кочани се згрижени во 25 специјализирани болници низ Европа

од Даниел Ѓорѓиевски
163 прегледи

Пациенти со тешки изгореници продолжуваат да се испраќаат во специјализирани болници во странство, а бројот на земји во кои се лекуваат може да се зголеми од 12 на 14, изјави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

„Во моментов, пациентите се сместени во 25 специјализирани болници ширум Европа. Во Бугарија имаме девет пациенти во ‘Пирогов’ во Софија, тројца во ВМА Варна и исто толку во Пловдив. Во Грција, три лица се во болницата ‘Папаниколау’ во Солун, а уште неколку во други здравствени установи во Солун и Атина“, изјави Клековски на прес-конференцијата во Владата.

Тој додаде дека пациенти со изгореници се испратени и во Турција (тројца во Истанбул и шест во Анкара), како и во Холандија, Австрија, Литванија, Полска, Италија, Белгија и Хрватска.

„Листата ќе продолжи да расте, бидејќи овие повреди бараат специјализирани услови и тимови. Најголем дел од болниците се воени или специјализирани медицински центри за третман на изгореници, со цел пациентите да добијат најдобра можна здравствена заштита“, нагласи Клековски.

Во Македонија, дополнително се згрижени 70 пациенти со изгореници, а помош пружаат и меѓународни експерти.

„Во моментот на испомош имаме специјализирана екипа на лекари од Чешка кои веќе работат со македонските колеги. Очекуваме и британски експерти кои ќе помогнат во наредните фази на лекувањето“, изјави Клековски.

Тој потсети дека третманот на изгореници е еден од најдолготрајните и најкомплексните процеси на заздравување.

„Пациентите не само што треба да се лекуваат од самите изгореници, туку во подоцнежната фаза е неопходна и реконструктивна терапија. Веќе се прават планови за најсоодветен пристап, со помош на меѓународни експерти“, објасни Клековски.

Според податоците на Фондот, годишно во Македонија има околу 100 случаи на изгореници од различни причини, а изгорениците од пожар се најтешката категорија, бидејќи освен кожните повреди, често се присутни и респираторни оштетувања.

„Во 2024 година имавме пет тешки случаи со висок степен на изгореници. Во државата постојат три болници со одредено искуство во третман на изгореници – Клиника за пластична хирургија, стара Градска болница и Клиника за детски болести“, заклучи Клековски.

„Постојат реални основи за трансплантација со кожни графтови, а сме во контакт со холандска фондација која има банка за кожни графтови, што би можело да помогне во идните трансплантации во нашата земја“, дополнува Клековски.

Слични содржини