Клековски: Во 2025 извршени речиси 14.000 операции на тумори, недостига кадар по патологија

Во текот на 2025 година во земјава се извршени речиси 14.000 хируршки интервенции за бенигни и малигни тумори, од кои околу 8.000 се однесуваат на ин ситу или сомнителни неоплазми, соопшти директорот на Фонд за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

од desk4
11 прегледи Фото: Фејсбук

Во текот на 2025 година во земјава се извршени речиси 14.000 хируршки интервенции за бенигни и малигни тумори, од кои околу 8.000 се однесуваат на ин ситу или сомнителни неоплазми, соопшти директорот на Фонд за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

На прес-конференција по повод Светскиот ден за борба против ракот, 4 февруари, Клековски презентираше податоци за раното откривање на канцер, хируршките интервенции, како и за состојбата со дијагностиката и терапијата.

Тој истакна дека во изминатата година бил зголемен фокусот на превенцијата и раното откривање, преку набавка на опрема и проширување на бројот на прегледи. Во делот на дијагностиката на дојка биле реализирани над 13.000 услуги, меѓу кои мамографии, ултразвук, магнетна резонанца и биопсии, додека во областа на ендоскопијата биле направени речиси 18.000 прегледи.

Според податоците на ФЗО, во 2025 година се реализирани вкупно 17.581 ендоскопски преглед, од кои 7.096 колоноскопии и 9.807 гастроскопии. Клековски оцени дека бројот на колоноскопии е сè уште незадоволителен, имајќи предвид дека сите граѓани над 50 години треба превентивно да направат ваков преглед.

Во делот на патологијата и молекуларната дијагностика, како што посочи, постигнат е напредок со зголемување на буџетите за Институт за патологија, Македонска академија на науките и уметностите и вклучување на Природно-математички факултет. Сепак, Клековски предупреди на сериозен недостиг на кадар, особено во внатрешноста.

„И покрај новите вработувања и четирите доделени специјализации, на два огласа за патологија не се пријави ниту еден кандидат“, изјави директорот на ФЗО.

Во 2025 година биле направени над 20.000 хистопатолошки анализи и речиси 2.000 молекуларни и генетски истражувања. Како новина се воведува рефлексно тестирање, со цел значително скратување на времето од поставување дијагноза до почеток на терапијата.

Клековски информираше и дека буџетот за лекови на Клиника за радиотерапија и онкологија во 2025 година е зголемен за 70 отсто, со цел да се обезбеди континуитет во лекувањето. Воедно, најави итна потреба од ажурирање на националните водичи за лекување, кои датираат од 2008 година.

Во однос на хируршките интервенции, тој истакна дека во 2025 година се извршени 13.993 операции на тумори во органски системи, како и 7.907 операции на ин ситу и сомнителни неоплазми, оценувајќи го тоа како значаен резултат за домашното здравство.

Говорејќи за листите на чекање и пристапот до иновативни терапии, Клековски нагласи дека мора да постојат јасни и еднакви критериуми за сите пациенти, без привилегии.

Слични содржини