Првиот човек на Фондот за здравство, Сашо Клековски ги коментираше барањата на ССМ за зголемување на минималецот и намалување на платите на избраните пратеници, министри, директори…Според него, „намалувањето на функционерските плати за 80% е предлог поддржан со пола уста, а и самиот предлагач не кажува колку всушност се платите и на колку ќе се намалат“.
Клековски објави колку изнесуваат платите на политичарите кои се на функции, а избрани од народот.
„Премиер – нето 140.450 денари (~2.280 €), министри, директори вкл. ФЗО – нето 115.540 денари (~1.880 €), пратеници – околу нето 110.000–130.000 денари (со додатоци)
Платата на премиерот е најниска во регионот со таа во Албанија, а по паритет на куповна моќ е слична на платата на премиерите во Албанија, Србија и Црна Гора. Платата на Премиерот – 3х просечната плата ~746 € – 5.7х минималната плата ~397 €.
И тој сооднос е најнизок и споредлив повторно со Албанија, Србија… Функционерските плати и во номинална и во куповна моќ, и во сооднос спрема просечна и минимална плата е во рангот на најниските заедно со Албанија и Србија. Со барањето на намалување на функционерските плати за 80%, платите на министрите би биле → околу 23.000 денари (~370 €) или под сегашната минимална плата.
Дали предлагачот ќе предложи кратење и на нивните плати на ова ниво“, праша директорот на ФЗО преку својата јавна објава.
Сојузот на синдикати поднесе иницијатива во Собранието за измени на Законот за плата и надоместоци. Ако пратениците ја одбијат и не поднесат законски измени, тогаш според регулативата, ССМ ќе собре 10.000 потписи од работниците со право сами да поднесат измени на Законот.
Од Синдикатот на УПОЗ, пак, побараа функционерите да се солидаризираат и да си ги намалат своите плати за 78%, онолку колку што ги зголемија во април 2023-та година.
Премиерот истакна дека на синдикатите им била понудена формула по која би се пресметувале личните доходи за вработените во администрацијата, нагласувајќи дека Владата инсистира ако биде договорена, тоа да биде конечна формула по која ќе им се исплаќа платата.
Синдикатите бараат итно зголемување на минималната плата на 600 евра и раст од 100 евра за сите преостанати. Формулата што ја предлага Владата предвидува кумулативно зголемување од околу 40% до 2028-ма, со годишни нивелации меѓу 7% и 8%.