Кличко му одговори на Зеленски: Нема да се впуштам во политички игри

од Nikola Popovski
182 прегледи

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, возврати на критиките на украинскиот претседател Володимир Зеленски за мерките што треба да им помогнат на граѓаните да ги издржат рестрикциите на електричната енергија, велејќи дека несогласувањата се „бесмислени“ по рускиот напад.

Кличко рече дека 430 центри за „затоплување“ им помагаат на граѓаните да се справат со ефектите од руските напади врз трафостаниците, а се планира да се постават уште 100 центри во случај на екстремни временски услови, објави Ројтерс.

Зеленски неодамна изјави дека има многу поплаки за мерките донесени во главниот град.

„Нема да се впуштам во политички борби, особено не во сегашната ситуација. Бесмислено е. Морам да направам работи за Киев“, навел Кличко на Телеграм.

Кличко оценил дека советниците на претседателот се занимавале со „манипулација“ и дека „тоа не е убаво.

„Ниту за Украинците, ниту за нашите странски партнери. Денес, кога треба да бидеме обединети и да работиме заедно, се игра еден вид политичка игра“, рекол тој.

Минатата недела Зеленски го охрабри отворањето на „центри за непобедливост“ ширум Украина, засолништа каде што жителите ќе можат да се загреваат, да имаат вода, интернет, мобилни врски и лекови достапни бесплатно и тоа 24 часа на ден.

Русија прави хаос во украинските енергетски капацитети откако претрпе серија порази на бојното поле и се повлече од јужниот град Херсон, единствениот голем град што го освои од почетокот на инвазијата.

Во полноќното обраќање во петокот, Зеленски рече дека градоначалникот на Киев не направил доволно за да ја олесни ситуацијата за населението. Зеленски победи убедливо на изборите во 2019 година, пет години откако Кличко ја презеде функцијата градоначалник на Киев. Пред војната, двајцата лидери се судрија околу начинот на кој беше организиран животот во главниот град.

До неделата наутро главно функционираше снабдувањето со струја, вода, парно и мобилна телефонија, беше соопштено преку апликацијата Телеграм.

Завршните работи на електричната мрежа продолжуваат, но можни се локални прекини поради големата потрошувачка, соопштиле воените власти.

Слични содржини