Климатските промени во Велика Британија може да однесат дополнителни 10.000 животи секоја година до 2050 година и да донесат мноштво тропски болести, предупредува извештајот на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) за здравствените ефекти од климатските промени.
„Екстремните горештини ќе доведат до зголемување на бројот на смртни случаи и други здравствени ефекти“, се наведува во извештајот и се додава дека бројот на смртни случаи ќе се зголеми и поради ниските температури.
Во извештајот се проценува дека, во најлош случај, просечните температури би можеле да се зголемат за 4,3 степени Целзиусови, што би го зголемило бројот на смртни случаи поврзани со топлината за 12 пати до 2070 година, пишува „Гардијан“.
Болестите кои се пренесуваат преку инсекти, како што се денга треската или вирусот Зика, исто така, би можеле да станат пошироко распространети низ Велика Британија поради доаѓањето на видови инсекти од потоплите клими, се вели во извештајот.
Како пример, се наведува дека, поради зголеменото населување на тигарскиот комарец во поголем дел од Велика Британија, до 2060 година во Лондон би можела да избие ендемска епидемија на денга треска.
Се додава дека до средината на овој век, многу граѓани ширум Велика Британија ќе бидат изложени на опасност од поплави, што ќе влијае на нивното ментално здравје.
Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство истакнува дека многу од овие предвидувања се засноваат на најлошото сценарио, но дека многу од негативните ефекти на климатските промени врз здравјето на луѓето може да се ублажат со промена на однесувањето.
Меѓу наведените решенија се националните системи за предупредување за екстремно ниски и високи температури, мерки за енергетска ефикасност и заштита од поплави, како и користење на сончева енергија.
Повеќе од 4.500 луѓе починале во Англија во 2022 година поради високите температури, што е највисока досега забележана, а повеќе од половина од починатите биле постари од 65 години.