Владините предлог-закони за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители, и покрај неколку недостатоци, содржат многу позитивни карактеристики, нови или преземени од законите што се во сила, се наведува во заедничкото мислење на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото на Советот на Европа. Се препорачува измена на Уставот, со што би се ограничило правото на реизбор на јавниот обвинител, како и тој да се бира и да се разрешува со дво-третинско мнозинство во Собранието.
Венецијанската комисија предлага, и функцијата на обвинителите избрани за членови на Советот на јавни обвинители да биде суспендирана за времетраењето на нивниот мандат во советот. Мислењето е побарано по намерата на македонската влада да го подобри судскиот интегритет преку ревидирање на процесите за избор, оценување, унапредување и разрешување на судии и обвинители. Дополнително, се препорачува можноста две последователни негативни оценки за работењето да се отстрани од листата на „најтешки дисциплински прекршоци“ што би можеле да доведат до разрешување обвинител, како и да се разјасни дека одговорноста на јавниот обвинител пред Собранието не се однесува на поединечни обвинителски одлуки и гонења на Јавното обвинителство.
Дали големите партии ќе најдат партиите заеднички јазик по ова прашање?
Дел од експертите имаат дилема дали постои расположение меѓу големите партии за исполнување на препораките. Според адвокатот и поранешен член на првиот состав на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски, ние како општество малку сме сензитивни кога станува збор за измената на Уставот – со секоја промена се отвораат многу прашања и теми за кои се смета дека треба да бидат предмет на Уставот.
-Ако се види наназад, имаме и други прашања кои го допираат Уставот, а се поврзани со правосудството – пред се членувањето на министерот за правда и претседателот на Врховниот суд во Судскиот совет. Тоа се прашања кои ГРЕКО ни ги поставува подолго време и тие не ни се апсолвирани. Доколку постои расположение, ова може да се види убаво во една анализа и дебата дали треба да биде предмет на уставна промена. Се знае како иде промената и тоа е политичка тема, посочува Малиновски во разговор за „Локално“.
Потенцира дека и во минатото имавме некои разни стратегии како реформи. Се предвидуваше можноста за обезбедување на независност и стабилност на јавниот обвинител.

Драган Малиновски/Фото: Принтскрин
-Меѓутоа имаме практика и намера за да се обезбеди независност се злоупотребува за постигнување политички цели. Не е едноставно да се обезбеди дво-третински. Препораките се во насока за да се превенира политичко влијание и да се обзбеди поголема стабилност на ЈО во однос на останатите власти. За да се избегне субјективност во интерпретацијата, истакнува Малиновски.
За најавите од Владата дека нема пари за „оние со 2% доверба“, соговорникот истакнува како неисполнување на законската рамка за трошење во правосудството ни е еден од проблемите за да не извршиме кондицирање на правосудните органи. Ако немате доволно пари, не можете да обезбедите материјални и човечки ресурси во судството, додава тој.
-Ако не можете да обеезбедите, сте соочени со проблем во функционирањето – немате ефикасност и квалитет во работата итн. Не станува збор за дали сакаме или не. Ако сакаме подобри перформански во правосудството, мора да се обезбедат услови и кога ќе се обезбедат, тогаш да видиме дали има испорачување на правда. Вака ние остануваме заглавени во инаетење по прашањето за правосудството. Тоа предолго трае и може да ги загрози нивните перформанси, нагласува Малиновски.
„Локално“ на темата зборуваше и со професорот Љубомир Фрчкоски. Тој смета дека Владата ќе сака да ги избегне препораките на Венецијанската комисија и дека ќе мора да се изврши притисок од јавноста. Смета дека „ЈО му е потребно на власта за да изврши политички прогони и тие да станат реални“.
Венецијанската комисија, која често се споменува во рамките на дебатите за установите и законските промени во земјава, е тело на Советот на Европа, кое дава свои ставови во однос на законодавствата на своите членки. Становиштата на Венецијанската комисија по правило треба да се почитуваат во државите членки на Советот на Европа и на Европската Унија.
Комисијата во своето дејствување помага да се обезбедат ширење и консолидирање на заедничкото уставно наследство, при што игра уникатна улога во справувањето со конфликти и им обезбедува „итна уставна помош“ на државите како во овој случај за промена на уставот во Бугарија. Во делокругот на работите на комисијата се вброени неколку области на работа, и тоа демократски институции и фундаментални права, уставно право и судска власт, избори, референдуми и политички партии. Поединечни членови на комисијата се универзитетски професори по јавно и меѓународно право, судии во врховните и во уставните судови, членови на парламенти и многу државни службеници.
Претставки кај комисијата можат да поднесат државите членки и установите на овие земји што службено учествуваат во нејзината работа, но истото тоа може да се стори и преку лична иницијатива на претседавачот на комисијата.
Н.П.