Клиничката болница „Аџибадем Систина“ останува отворена за прием на повредените пациенти

од Даниел Ѓорѓиевски
17 прегледи

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите и посака брзо закрепнување на повредените. Болницата останува отворена за бесплатен третман на сите пациенти што имаат потреба од болничка нега, со цел да помогне во надминување на оваа трагедија.

Од 16 март до денес, во Ургентниот центар на болницата биле прегледани 19 пациенти, а во моментов се хоспитализирани четири. Некои од повредените, по стабилизирање на состојбата, се пуштени на домашно лекување.

„По трагедијата, „Аџибадем Систина“ формираше Кризен штаб, кој е во постојана координација со Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи. Формиран е и специјален лекарски конзилиум составен од различни медицински специјалности, а на располагање се 20 интензивни места за третман на најтешко повредените“ стои во соопштението на Болницата.

Дополнително, меѓународни експерти од Израел и Чешка ја посетија болницата, при што потврдија дека пациентите добиваат третман според светските стандарди.

„Имавме можност за размена на искуства со експерти по интензивно лекување и пластична хирургија. Тие ја потврдија нашата висока стручност и изразија поддршка за третманот што го спроведуваме“, изјави д-р Никола Шиков, специјалист по анестезиологија.

Покрај болничкиот третман, „Аџибадем Систина“ активно учествуваше во транспортот на повредените со три медицински возила, кои досега извршија 18 медицински транспорти, вклучувајќи четири меѓународни до Солун и 12 до аеродромот Петровец. Возилата се опремени со најсовремена апаратура и медицински тим за интензивна нега при транспортот.

Со максимална ангажираност и професионална грижа, „Аџибадем Систина“ останува посветена на поддршка на пациентите и нивното закрепнување.

Слични содржини