Клиничкиот центар наскоро со само еден директор

од Nikola Popovski
56 прегледи

Министерот за здравство, Арбен Таравари денеска најави дека наскоро ќе биде поставен еден директор за целиот Клинички центар „Мајка Тереза“ и некои болници ќе им се приклучат на здравствените домови.

Таравари нагласи дека во 2017 година, кога бил министер за здравство, разрешил 30-тина економски директори, додека 10 до 15 други останале нерешени.

„Еден директор приближно примал плата околу 1 500 евра, па пресметајте. Со овие средства наместо да плаќаме плата за директор кој не е потребен во администрацијата на Клиниката, можеме да инвестираме во здравство – нова опрема, изградба на нови објекти, реновирање на амбуланти и јавни здравствени установи…

Целта е да се зголемат инвестициите во здравството, а не да се извршуваат непотребни административни функции.

Оваа цел не е нова и во 2017 година кога бев министер разрешив 30-тина директори и останаа 10 до 15“, кажа Таравари пред медиумите.

Економските директори од државните болници заминаа во историјата, откако пратениците со 71 глас „за“ и еден против веќе го донесоа Законот за изменување на Законот за здравствена заштита, со кој се укина оваа нивна работна обврска. Овие раководни позиции досега биле присутни во здравствените домови со над 1.000 вработени, како и на универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институциите.

Претходно, овие измени беа одобрени на владина седница, на предлог од министерот за здравство, Арбен Таравари, кој уште на првиот ден од министерскиот мандат се зафати со реализација на оваа реформа, со која на клиниките останаа само медицинските директори.

Слични содржини