Комплексот клиники „Мајка Тереза“ утрово останал без вода, дознава „Локално“. Од Министерството за здравство досега нема никакви насоки за пациентите кои се лекуваат во Клинички центар, ниту како ќе се вршат операции и ќе се примаат итни пациенти кога цел болнички комплекс нема вода. Се уште не е познато кога повторно ќе биде нормализирано водоснабдувањето.
Според наши информации, пациент требало да биде хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, но, бил отпуштен оти нема вода.
На официјалната страна на ЈП „Водовод и канализација“ нема официјално соопштение за дефекти во водоводната мрежа во тој реон.
Лани на 25-ти мај, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, резиденцијалните објекти на Водно, како и дел од жителите од реон Водно и Козле, од 21 до 5 часот беа без вода, заради реконструкција на водоводна мрежа во реонот. Како што информираа тогаш од „Водовод и канализација“, во овој период пред клиниките ќе бидат поставени цистерни со питка вода, а за потребите на граѓаните цистерни со вода за пиење ќе бидат подготвени во Дежурната служба на Водовод Скопје, кои ќе гравитираат на повик, врз основа на потребите на граѓаните.