Во рамки на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести во целост е во функција Одделот за ургентна педијатрија со специјалистичко – консултативна дејност и токсикологија, во кој оддел како и во досегашното работење на Клиниката за детски болести се згрижуваат сите итни случаи, на кои по укажаната итна прва помош се згрижуваат на соодветнтие одделенија или на Одделот за интензивна терапија, велат од Клиниката за детски болести како реакција на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму потенцираат дека во услови на зголемен прилив на деца со акутни респираторни инфекции и бронхиолити, како и поради потребата за зголемување на капацитети за хоспитализација на пациенти, стручниот колегиум на Клиниката за детски болести донел одлука амбулантниот стационарен дел дополнително да се користи како дневна болница (за деца кои примаат некоја хронична терапија и престојуваат само неколку часа на клиника) и тие пациенти да не зафакаат болнички соби.
-Истиот простор беше нефункционален повеќе од 5 месеци. ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести ја уверува јавноста дека и понатаму ќе ги згрижува, без исклучок, сите деца од целата држава кои имаат потреба од болничко лекување или специјалистичко – консултативна услуга.
Воедно, и предочуваме на Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ дека со ваквите дезинформации и невистинити објави го нарушуваат угледот на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести и создаваат неоснована загриженост и конфузност кај пациентите и нивните семејства, стои во соопштението од Клиниката.
ВМРО-ДПМНЕ утрово обвини дека единствениот ургентен центар за деца на Клиниката за детски болести повеќе не е во функција.
-За оваа алармантна состојба, здравствени работници реагираат до Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.Апелираме до здравствените власти за итно преиспитување на одлуката со која е укинат единствениот Детски ургентен центар, отворен токму за оваа фунција со најсовремена опрема, со помош на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА, а донацијата беше исклучиво за оваа намена – Ургентен детски центар единствен во државата во јавното здравство и ова повеќе не фунционира. Огромен проблем на Детската клиника е и континуираниот одлив на кадар, со акцент на медицински сестри со што се доведува во прашање фунционирањето на оваа здравствена установа каде се третираат најтешките случаи од целата држава, беше соопштено од најголемата опозициска партија.