Поранешниот американски претседател Бил Клинтон денеска во Тирана изрази загриженост за ситуацијата на северот на Косово и ги повика претставниците на косовските институции да го променат однесувањето кон српската заедница.
На денешната церемонија во негова чест во Тирана, Клинтон ја повика Владата на Косово да му покаже на светот како изгледа „инклузивна иднина“, која се однесуваше на правата на српското малцинство во четири општини во северно Косово.
„Ако размислувате за овие четири градови, далеку од која било модерна научна лабораторија која го моделира однесувањето што го движи светот денес, тие се управувани од луѓе кои претпочитаат доминација отколку соработка. Се надевам дека Косово ќе може да му покаже на светот како изгледа инклузивна иднина“, рече Клинтон.
На првиот ден од дводневната посета на Албанија, каде што дојде на покана на премиерот Еди Рама, Клинтон рече и дека е убеден дека САД се посветени на слободата, силата и интегритетот на Албанија.
На церемонијата во негова чест, тој изјави дека е многу возбуден поради благодарниците што ги добил, наведувајќи дека „останал без зборови“.
Рама го пофали Клинтон за неговата улога во завршувањето на војната во Косово во 1999 година, истакнувајќи го неговиот говор во март истата година, во кој ја најави интервенцијата на НАТО.
Откако поранешниот американски претседател денеска пристигна во првата посета на Албанија, Рама на Фејсбук објави заедничка фотографија со поранешниот американски претседател кого го опиша како „доживотен пријател на албанската нација“.