Оваа вест нема да им се допадне на навивачите во Германија, особено на оние кои навиваат за Баерн Минхен!
Германскиот стручњак, Јирген Клоп, нема да бара нов ангажман ова лето, откако ќе го напушти англиски Ливерпул, а неговата цел е да паузира една година.
Ова го вели неговиот претставник, Марк Косицке, кој долги години работи со темпераментниот стручњак, во изјава за англиските медиуми.
„По завршувањето на работата во Ливерпул, Јирген Клоп нема да преземе ниту еден клуб или репрезентација ова лето, барем една година. Тоа сигурно нема да се промени“, изјави неговиот агент, а пренесуваат германските и англиските медиуми.
За потсетување, веднаш откако Клоп објави дека на лето ќе се повлече од клупата на Ливерпул, почнаа шпекулациите каде би можел да ја продолжи кариерата.
Прво се пишуваше дека ќе седне на клупата на германската репрезентација, а откако дефинитивно стана јасно дека Томас Тухел ќе го напушти Баерн, почнаа шпекулациите за доаѓањето на Клоп во Минхен.
Сепак, се чини дека работата на „Енфилд“ навистина го измори трофејниот стручњак, па му треба одмор од фудбалот за да биде подготвен да продолжи со низата трофеи во иднина.