Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека ривалството со Манчестер Сити во последните години помогнало за развојот на неговиот тим. Во недела двата тима ќе се соочат во битка која може да биде решавачка за титулата, иако и двајцата тренери негираат. „Граѓаните“ имаат предност од еден бод, а по овој меч до крајот има седум кола.
„Очекувам добар натпревар. Ова често не се случува кога два големи тима ќе се соочат еден со друг. Но, нашите натпревари со Сити отсекогаш биле интересни за гледање, бидејќи и двата тима бараат победа, обидувајќи се да создаваат ситуации“, изјави Клоп. Тренерот додаде дека сите во тимот се здрави и подготвени за натпреварот.
Уште еднаш повтори дека овој меч нема да ја реши титулата: „Ако победиме ќе водиме со два разлика, ништо нема да биде готово. Ако загубиме ќе заостанеме 4 бода. Мислам дека Сити нема да мисли дека станал шампион. Тоа е многу важен натпревар, со нетрпение го очекуваме. Ова е еден од најголемите предизвици во фудбалот. Да имаше 14-15 поени разлика, пак ќе беше одличен натпревар, но нешто ќе му недостигаше“.
Германецот се согласи со изјавата дека ривалството меѓу двата тима им помага да се претстават на многу високо ниво: „Кога играте професионален фудбал на највисоко ниво, вашиот фокус е на вашите натпревари. Во спортот најмногу помага силниот противник, особено на долг рок. Мислам дека Надал и Федерер уживаат во своето ривалство. Не би рекол дека сум благодарен што Сити е толку добар, но тоа секако не го попречува нашиот развој“.
„Ќе бидеме подготвени. Двата тима играа во вторник, така што има доволно време за опоравување. Сите е добар во сите области. Тие навистина немаат слабости“, изјави Клоп.
Тој уште еднаш го пофали Пеп Гвардиола: „Пеп е најдобриот тренер во светот и сите се согласуваме со тоа. Ако некој се сомнева во тоа, нема поим што може да му се случи“.