Фудбалскиот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп повторно се пожали на правилото за три измени во натпреварите, за време на густиот распоред поради зголемените инфекции со коронавирус.
Англиската Премиер лига е само една од неколкуте лиги кои одлучија да не го прифати правилото за пет измени на играчи за време на натпреварите, туку да остане на претходните три.
Во мај минатата година беше воведена мерката од пет измени, со цел да им се помогне на клубовите да се справат со тешкиот распоред на натпревари, кои беа одложени неколку месеци порано поради прекинот на натпреварувањето предизвикан од пандемијата.
Англиските клубови изгласаа враќање на правилото од три измени за минатата и оваа сезона, но таа тема повторно е актуелна, поради ширењето на сојот омикрон.
„Оваа прекрасна игра е толку убава затоа што играчот на теренот е главно во добра форма, добро трениран, добро закрепнат и може да игра. Затоа ја сакаме оваа игра. Но, сега ситуацијата е јасна. Најдобрата лига во светот и најинтензивна лига во светот е единствена во Европа со три промени. Тоа не е во ред“, рече Клоп пред новинарите.
Англиската лига е единствената од водечките европски лиги во која се играат натпревари за време на празниците, а некои клубови играат и три натпревари во седум дена. Сепак, 15 натпревари беа одложени за две и пол недели поради коронавирусот.