Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп не ги штедеше пофалбите за Мохамед Салах. Египќанецот постигна еден од головите за победата од 3:1 над Њукасл и веќе има 15 гола од почетокот на сезоната во Премиер лигата. Дополнително, на 15. последователен првенствен натпревар има гол или асистенција (14 голови + 7 асистенции – н.з.), со што го израмни рекордот на Џејми Варди.
„Повеќе се подготвувавме за мечот со Бурнмаут отколку за оној со Њукасл. Очекував натпревар сличен на претходниот против Еди Хау, кога победивме со 2:1“, изјави Клоп.
„Нашиот противник ни ја отежна работата. Откако резултатот стана 0:1, малку ни се промени расположението. Во некои ситуации избрзавме, но постигнавме добри голови. Среќен сум бидејќи не е лесно во овој период од годината. На вакви натпревари најважно е да се задржи позитивен став, да се напаѓа и да се користат создадените ситуации“, објасни Германецот.
„Статистиката на Салах е запрепастувачка. Неговите асистенции се исто толку важни како и неговите голови. Денеска ја направив вистинската работа што го променив, бидејќи за три дена имаме нов натпревар“, потенцира Клоп.