Во недела е закажано финалето на Карабао купот на Англија во кој се среќаваат Ливерпул и Челси.
Според се што се гледа оваа сезона, водечкиот тим на Премиер лигата е фаворит во финалето, но Јирген Клоп соочен со голем број повредени играчи сака да изврши притисок врз ривалот.
„Дали ние ќе бидеме фаворити? Дефинитивно не. Од последниот пат кога игравме со Челси, тие многу се подобрија и ќе биде тешко“, изјави германскиот тренер.
Во победата над Лутон во средата (4:1), Ливерпул остана без деветмина првотимци кои играа оваа сезона: голманот Алисон, Мохамед Салах, Трент Александер-Арнолд, Дарвин Нуњез, Диого Жота, Доминик Собослај, Тиаго Алкантара, Жоел Матип и Кертис Џонс. Недостига и суперталентираниот Стефан Бајчетиќ, кој оваа сезона не ни настапи поради тешка повреда и долго закрепнување.
„Мора да видиме кој ќе биде подготвен за финалето, но јас кажав дека пред натпреварот против Лутон, се додека имаме 11 здрави играчи, ќе се бориме за се“, нагласи Јирген Клоп.
Германецот изведе стартна постава, која беше најмлада од февруари 2018 година со просечна возраст од 25 години и 68 дена, додека на клупата имаше дури пет играчи до 19 години, меѓу кои и 16-годишниот Треј Ниони. Во последните моменти од натпреварот, 18-годишниот Џејден Денс дебитираше за првиот тим на Ливерпул.
Англиските медиуми ја истакнуваат способноста на тимот на Клоп да ги распределува головите меѓу неколку играчи како клучен фактор за Ливерпул оваа сезона. Имено, Ливерпул е првиот клуб оваа сезона во петте најдобри европски лиги со пет играчи со 10 или повеќе постигнати голови во сите натпреварувања: Мо Салах (19), Диого Жота (14), Дарвин Нуњез (13), Коди Гакпо (11) и Луис Дијаз (10).
Засега само последните двајца се сигурни за дуелот против Челси, додека Жота дефинитивно нема да игра. Финалето на Карабао Купот е закажано за в недела на „Вембли“.