Клубот за бугарско-македонско пријателство бара веднаш да се спроведе механизмот за намалување на тензиите

од Radmila Tasevska
259 прегледи

Упатен повик од клубот за бугарско-македонско пријателство во врска со, како што наведуваат, засилените обиди за минирање на односите меѓу двете земји во пресрет на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Клубот за бугарско-македонско пријателство повикува на мирно одбележување на оваа годишнина.

Од таму бараат владите на Бугарија и Македонија веднаш да го спроведат механизмот за намалување на тензиите и идентификување на манифестациите на омраза, усвоен минатата година меѓу двете министерства за надворешни работи.

– Да не се дозволи инцидентите и провокациите да ги оддалечат меѓусебните односи од политички рамки – „Договорот за добрососедство“ и „францускиот предлог“, како и од нашите заеднички цели – постигнување целосно разбирање и европско членство за Македонија“, се вели во апелот.

Според членовите на клубот, овие цели може да се постигнат само доколку се маргинализираат круговите што сеат омраза, преку сеопфатни процеси на зближување – социјално, инфраструктурно, културно, медиумско и економско поврзување меѓу двете земји. Тогаш ќе биде невозможно демонизирањето или подметнувањето лажни идеи. Тие нагласуваат дека е крајно време да се преземе решителна акција и да се изолираат од процесот луѓето и организациите кои се противат на зближувањето.

Од таму го изразуваат своето уверување дека огромното мнозинство од општествата на двете земји се луѓе со европски вредности кои меѓусебно се почитуваат и разбираат. Тие треба да бидат основа и мерило за билатералните односи, а не поединечни радикализирани елементи и политичари кои бараат тема за сопствен политички опстанок.

– Единствениот начин да ја покажеме нашата почит кон личностите кои не поврзуваат е како нивни наследници да им ја покажеме нашата братска љубов и поддршка, се вели во обраќањето.

Исто така, клубот за бугарско-македонско пријателство го поздравува и неодамнешниот апел од поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов и потомците на семејствата на дејците од Македонија за смирување на тензиите.

Слични содржини