Клубови од Премиер лигата покажаа интерес за поранешниот играч од средниот ред на Интер и Тотенхем, Кристијан Ериксен, кој веќе ги продолжи тренинзите и има намера да ја рестартира кариерата.
Договорот на 29-годишниот Данец со „сино-црните“ беше раскинат минатиот месец, откако на Ериксен му беше вграден дефибрилатор по колабирањето на теренот за време на првиот натпревар на Данска за ЕП 2020. Според италијанските правила, тој не смее да игра со сличен уред =. Во декември, сепак, плејмејкерот беше подложен на низа медицински тестови, кои покажаа дека не е во опасност повторно да почне да игра фудбал на највисоко ниво.
„Сè оди добро за Кристијан. Тој ги направи сите тестови пред Божиќ и резултатите беа толку добри што се надеваме дека ќе започне групни тренинзи подоцна во јануари. Сепак, би сакал Кристијан самиот да зборува за тоа, а тоа ќе го направи многу наскоро. Тој е многу амбициозен. Италија е една од земјите каде што има слични правила, но во другите земји ситуацијата е многу поинаква“, изјави Мартин Шуетс, агентот на Ериксен за „Дејли Меил“.
Освен Премиер лигата, за играчот од средниот ред се интересираат и клубови од неговата татковина и Холандија.
Во последните недели Ериксен се подготвуваше во базата на швајцарскиот клуб Кјасо.
„Дејли мејл“ истакнува дека поранешниот тренер на Интер, Антонио Конте моментално е менаџер на уште еден поранешен клуб на Ериксен – Тотенхем. Сепак, нејасно е дали лондончани се еден од премиерлигашките клубови кои упатиле понуда до Данецот.