По три рекордни трансфер периоди во однос на сумите потрошени од премиерлигашките клубови во нив, овој јануари се покажа како најслаб во однос на зделките по подолго време. Пресметките покажуваат дека најдобрите 20 тимови потрошиле вкупно само 100 милиони фунти за нови играчи, што е најниска бројка од сезоната 2011/12 (забелешка: ова не го вклучува периодот за време на пандемијата, кога од очигледни причини клубовите не можеа да си дозволат да се троши). Оваа сума е за 715 милиони фунти помала во однос на ланскиот јануари.
Во последниот ден од прозорецот, во кој често се среќаваат некои од најпознатите зделки, се случија трансфери во вредност од 30 милиони фунти. За споредба, лани последниот ден се потрошени 275 милиони.
Во текот на целиот преоден рок беа направени само 17 постојани трансфери, а 13 играчи беа донесени на позајмица.
Објаснувањето лежи во новите правила на Премиер лигата за профит и финансиска одржливост. Тие им дозволуваат на клубовите да остварат загуби од само 105 милиони фунти во период од три години. Поради овие правила, Евертон беше казнет со 10 одземени бодови за прекршоци во сезоната 2021/22. Обвиненија беа покренати и против „карамелите“, како и против Нотингем Форест, поради нивниот биланс за сезоната 2022/23.
Најголемиот трансфер во Премиер лигата во последниот ден од преодниот рок беше преселбата на Адам Вартон од Блекбурн во Кристал Палас. Лондончани за дефанзивецот првично ќе платат 18 милиони, а сумата може да се зголеми на 22 милиони. Најголемиот трансфер досега во зима во Премиер лигата беше оној на Раду Драгушин, за кого Тотенхем и плати на Џенова 25 милиони фунти.