Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во Њујорк разговарала со специјалниот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан – Габриел Ескобар за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Османи на социјалната мрежа Икс (Твитер) изјави дека во разговорот било истакнато дека улогата на САД е клучна за успешно завршување на дијалогот. Било нагласено дека е важно принципиелниот пристап за целосно и рамномерно спроведување на постигнатите договори.
„Со Шоле и Ескобар разговаравме за развојот на настаните во рамките на дијалогот. Беше нагласена важноста на принципиелниот пристап за целосна и рамномерна имплементација на договорот и дека улогата на САД е клучна за успешно завршување на процесот, што го отвора патот за меѓусебно признавање“, тврди Османи.