Истрагата ќе ги утврди сите околности за несреќата во Србија на „Фристајлер“ за време на новогодишната ноќ, кога потона познатиот белградски сплав, а како резултат на тоа се уапсени три лица. Се претпоставува дека тонењето дошло поради преоптоварување на објектот, а според неофицијални информации на српска „Нова“, штетата е повеќе од еден и пол милион евра.
Сплавот почнал да тоне десетина минути по полноќ, а гостите избезумено почнале да трчаат да си го спасат животот. Точниот број на гости не е познат, но сигурно е дека го надминал капацитетот на објектот.
„Во моментот на потонувањето на сплавот имало тројца менаџери, 34 келнери и стотина гости. Штетата се проценува на околу 1,5 милиони евра. Само робата во магацинот вреди околу 1,2 милиони“, вели извор за српска „Нова“.
Иако се претпоставува дека бројката на луѓе довела до потонувањето, нивниот соговорник посочува дека понтонот на сплавот не бил во идеална состојба и дека биле неопходни поправки.
„Порозниот понтон имаше потреба од поправка“, додал изворот.