Најмалку седум лица загинаа, а многумина се ранети во вчерашните напади на руски беспилотни летала врз регионот на Киев, соопштија украинските власти. Регионалната воена управа на Киев на својот канал Телеграм објави дека е оштетен „цивилен објект“ и дека армијата соборила 16 од 21 беспилотно летало „Шахид“ од иранско производство, пренесува „Танјуг“.
Вчера руската морнарица одби напад на украински беспилотни летала на пристаништето Севастопол, на Крим, објави гувернерот на тој град, кој Москва го анектираше пред девет години, додавајќи дека „хакнале“ некои радио станици кои емитувале лажни повици до граѓаните да се евакуираат, пренесува АФП.
„Црноморската флота го одби нападот извршен со површински беспилотни летала врз Севастопол“, напиша гувернерот Михаил Развозаев на Телеграм, пренесува „Бета“.
„Тие (украинските беспилотни летала) се обидоа да навлезат во нашиот залив, но морнарите пукаа во нив, а нашата противвоздушна одбрана делуваше“, додаде гувернерот.
Тој рече дека воените бродови не биле оштетени во нападот, но искршени се прозорците на неколку згради. Тој изјави дека нема повредени.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера дојде на линијата на фронтот кај Бахмут, епицентарот на борбите во источна Украина, пренесува АФП, пренесува Бета. Тој исто така им додели медали на украинските војници, пренесува „Ројтерс“.
Русија посочува дека најавата на Велика Британија дека ќе го снабдува Киев со муниција со осиромашен ураниум е показател за намерата на колективниот Запад конечно да ја уништи Украина, изјави за „Спутник“ портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
„Тоа е уште една британска провокација насочена кон ескалација на ситуацијата околу Украина, добивајќи нова димензија“, рече таа.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу предупреди дека муницијата со осиромашен ураниум, која Велика Британија планира да ја испрати во Украина, ќе има сериозно негативно влијание врз здравјето на украинските војници кои ја користат, како што беше случајот со војниците на НАТО на Косово во 1999 година, пренесува ТАСС.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли изјави дека нема опасност од „нуклеарна ескалација“ во војната во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин ја критикуваше Велика Британија за снабдување на украинските сили со тенковска муниција со осиромашен ураниум.
Клеверли рече дека Русија е единствената земја која зборува за растечкиот нуклеарен ризик. Тој објасни дека е важно да се осигураме дека сите ќе разберат дека, како што тврди, „само затоа што зборот ураниум е во името на муниција со осиромашен ураниум, тоа не е нуклеарна муниција, тоа е чисто конвенционална муниција“.
Британската заменик-министерка за одбрана Анабел Голди претходно изјави дека, покрај испраќањето борбени тенкови Челинџер 2, Лондон во Украина ќе испрати и муниција за нив, вклучително и гранати со осиромашен ураниум.