Кој ќе биде првиот премиер Албанец на Македонија: СДСМ ќе го предложи, ДУИ ќе го одреди

од Nikola Popovski
532 прегледи

Македонија наскоро ќе го добие првиот премиер Албанец. Ова е предвидено со договорот меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети од 2020 година, a пред два дена го најави и вицепремиерот и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Заев и Ахмети тогаш ја усогласиле рамката на новата коалициона влада, која предвидува на 100 дена пред избори – ДУИ да предложи премиер. Самиот Груби порача дека нема амбиции да стане нов премиер и остави дилема околу тоа кој би бил нов претседател на Владата. Сепак согласно законот, СДСМ како најголема партија во владиното мнозинство е должна да предложи премиер, па останува отворено прашањето.

Политичкиот аналитичар и поранешен министер, Имер Селмани во разговор за „Локално“ вели дека ова е меѓупартиски договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Имер Селмани

-Ние би можеле да посакаме да биде експерт и добар професионалец кој што ќе ја води Владата и ќе ги организира изборите, но ценам дека ваквиот договор повеќе дава наклон кон предлог на премиер кој што ќе ја има поддршката од експонентите на ДУИ, смета Селмани.

Во суштина, според него, првиот премиер Албанец нема да значи ништо и нема ништо да менува за иднината на Македонија.

-Премиерот е само на неколку месеци пред одржувањето на редовните избори. Тој само треба да ги координира институциите и да ја води Владата. Од суштински аспект нема да менува ништо, но од симболичен аспект ќе има значење затоа што ќе биде прв премиер Албанец во независна Република Северна Македонија и со тоа ќе се исполни договорот меѓу Заев и Ахмети, вели Селмани.

Сепак соговорникот е дециден дека ДУИ ќе даде свој предлог, без разлика што според Законот, СДСМ како најголема владеачка партија треба да излезе со предлог.

-Јас мислам дека договорот суштински е договор да кандидатот биде предложен од ДУИ. Формално правно, СДСМ како најголем партнер треба да го предложи предлогот до претседателот на државата за одобрување, но суштински договорот значи ДУИ треба да го даде својот предлогот, оценува Селмани.

Поранешниот министер смета дека вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи би бил адекватно име за претседател на Владата

-Вицепремиерот Фатмир Битиќи би бил одличен предлог за премиер, меѓутоа мислам дека ДУИ нема да се откаже да даде свој кандидат, истакнува Селмани.

Башким Селмани

Универзитетскиот професор Башким Селмани смета дека кај граѓаните ќе има повеќе доверба ако првиот премиер Албанец ако е експерт и независен.

-Доколку е од партијата сметам дека нема да ја постигне целта, вели Селмани за „Локално“.

Тој порачува дека важна е кризата и целта за членство во ЕУ е поважно од вниманието за премиер Албанец.

-И кај Македонците и Албанците не верувам дека е проблем кој да биде. Во Македонија проблемот е економијата, јавниот долг е 71%. Не е битно кој ќе биде на кое место. Што ако дојде премиер Албанец, ќе не извади од кризата? Повеќе е за пред своите гласачи отколку за реалните проблеми. Не верувам дека нешто посебно ќе помогне. Самите граѓани не треба да се вознемируваат дали ќе биде Македонец или Албанец премиер – основната цел на сите е кризата. Кај нас Албанците тоа не би сменило многу, порачува професорот.

Според него, сите опции се отворени, па и таа вицепремиерот Фатмир Битиќи да биде премиер.

-Сепак не верувам дека ДУИ ќе се согласи бидејќи пред своите гласачи има ветено дека ќе предложи премиер и не верувам дека ќе попушти, објаснува Селмани.

Н.П.

Слични содржини