Кој е Аца Босанац, бизнисменот кој ја купи кулата Генекс: Бил апсен и поради Беливук

од Stefanija Kuzmanovska
591 прегледи

На јавно наддавање вчера компанијата „Eureka bar d.o.o“ ја купи за 2,4 милијарди динари Генекс кулата во Белград.

Од седумте заинтересирани купувачи, најмногу пари понудила фирмата на Александар Кајмаковиќ – контроверзен бизнисмен кој поседува бројни белградски угостителски објекти. Кајмаковиќ пред две години беше уапсен и поради соработка со Вељко Беливук, пренесе „Нова.рс“.

Кајмаковиќ, попознат како Аца Босанац, е сопственик на ресторанот „Темперамент“ лоциран во Бетон Хол, потоа ноќниот клуб „Ла Фајет“ на улицата Караѓорѓева, клубот „Казина“ во Теразије. Тој е сопственик и на хотелот „Казина“ , потоа клубот „Театро“ во Сараево, и сплавот „Порт“ кај Ушче. Списокот не завршува тука, имајќи предвид дека Кајмаковиќ е сопственик и на кафулето „Кафе театар“ попознато под името „Код коња“, потоа на кафулето „Boutique“ и ексклузивните апартмани под истото име, а во Скадарлија ги поседува „Три шешира“, „Два голуба“ и „Златен бокал“.

Исто така, поседува и возен парк, меѓу автомобилите со кои располага се и „масерати“, неколку џипови, меѓу кои е и „хамер“.

Аца Босанац од другата страна на законот

Името на Александар Кајмаковиќ за прв пат одекна во јавноста во 2017 година. Тогаш Жељко Рутовиќ го изрешета Предраг Ранковиќ Пецони во хотелот „Прага“. Причина за пукањето е купувањето на ресторанот „Венеција“ во Земун. За ресторанот биле заинтересирани Пецони, Рутовиќ и Јоца Амстердам. Пецони сакал да ја земе „Венеција“, а купувањето требало да оди преку Аца Босанац.

Поточно, фирмата на Кајмаковиќ „Еурека бар“ била закупец на ресторанот од 2015 година, а киријата се плаќала по милион и пол динари месечно. Потоа Кајмаковиќ сакаше да го купи за Пецони. Тоа не му се допадна на Рутовиќ, па имаше пресметка во хотелот „Прага“.

Исто така, Кајмаковиќ беше цел на атентатори во 2002 година, поточно на 11 август во 5 часот наутро во Будва. Во неговиот „мерцедес CLK 230“ со регистрација во Крушевац била поставена многу разорна бомба, поради нерасчистени сметки во Сараево.

Како што своевремено пишуваше „Нова.рс“, Кајмаковиќ во 2019 година требаше да стане сопственик на Безистан во строгиот центар на Белград, за што „зелено светло“ му даде владејачката СНС, односно Градското собрание. Ова ја поврзува и тогашната градска власт со тимот што соработуваше со Вељко Беливук, бидејќи дозволија градскиот проект да го финансира десната рака на Пецони.

Потсетуваме, Кајмаковиќ во 2021 година беше уапсен под сомнение дека соработувал со Вељко Беливук. Кајмаковиќ тогаш беше осомничен за перење пари за Беливук и за користење на „услугите“ на неговото обезбедување, како и за водење на неговите фирми на свое име, но за тоа не беше обвинет.

Слични содржини