Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца денеска од Скопје оцени дека Србија со своите постапки во последните денови сака да го дестабилизира и подели Косово и дека поради тоа сака натамошна ескалација.
На заедничката прес-конференција со претседателот на Собранието, Талат Џафери, Коњуфца рече дека „регионот не е целосно имун на влијанието на Русија“ и дека „тоа е особено забележливо во последните денови во постапките на Србија во однос на Косово“.
„Овие постапки на Србија се неприфатливи и нивната цел е дестабилизација на државата Косово и поделба на државата Косово. Ние како народ стоиме заедно, обединети во осудувањето на овие постапки на Србија и во одбраната на слободата и демократијата во Република Косово“, рече Коњуфца.
Според неговите зборови, „Република Косово е посветена на дијалогот, за решавање на секое отворено прашање преку дијалог“ и „најостро го осудува јазикот на омраза, насилство и барикади кои се намерно, со знаење на претседателот на Србија (Александер) Вучиќ поставени на територијата на Косово“.
„Ние сакаме и добрососедски односи со Србија, но тоа не е нешто за што ние одлучуваме. Ова е избор на Република Србија, сите, вклучително и меѓународната јавност и ЕУ, се свесни за овие постапки. Сите сме свесни дека нашите две земји ќе имаат нормализирани и вистински добрососедски односи само кога Република Србија меѓународно ќе ја признае Република Косово“, рече Коњуфца.
Во последниот месец, додаде тој, Косово презеде два чекори кои беа во целосна согласност со САД и ЕУ: постигнување договор за регистарските таблички на возилата и одложување на изборите на северот на Косово, а сега е на ред Србија да направи чекор. .
„Од друга страна, Србија одговори со поддршка на експонентите на организираниот криминал на северот на Косово, кои преземаат чекори кои не се во согласност со нашите закони. Покрај тоа, тие поставија барикади, затворајќи им го патот на меѓународните пријатели. Нема да дозволиме Вучиќ да командува преку овие банди на територијата на Косово“, рече Коњуфца.