Ко-основачот на Епл: Се откажав од 67 милијарди долари, но никогаш не зажалив

од Vladimir Zorba
305 прегледи

Роналд Г. Вејн му помогнал на Стив Џобс и Стив Возниак да го основаат Епл. Имал 10 % акции во компанијата, но ја напуштил после само 12 дена со 800 долари отштета.

Зошто не останав во Епл? Сите ми велат дека ќе бев многу богат. Веројатно би бил најбогат човек, но на гробишта, со насмевка говори Роналд Г. Вејн(82) , човекот кој заедно со Стив Џобс и Стив Возниак го основал Епл во 1976 година.

„Седнав на пишувачката машина и го отчукав договорот во три примероци кои ги потпишавме ние тројцата. Утредента, фирмата беше регистрирана. Но 12 дена подоцна, го раскинав договорот“- раскажа Вејн за Бизнис Инсајдер .

Вејн го запознал Џобс додека заедно работеле во Атарија. Џобс таму работел како советник на изработка на видео игри.

„Се спријателивме, иако бев 20 години постар. Имав повеќе искуство од него во компјутерските работи и мислам дека затоа ме ценеше. Еден ден зачука на вратата на мојата фирма и рече дека би сакал да основа компјутерскафирма, но дека Возниак се противи на тоа. Ме молеше да разговарам со него и после разговорот, Возниак се премисли. Ме повикаа да им бидам партнер и се договоривме. Тие двајца имаа по 45 % од акциите во фирмата, а јас 10 %. Го изработив првиот логотип на Епл и прирачникот за Епл 1“-вели Вејн.

Џобс веднаш се фрлил на работа и на продавницата The Byte Shop им ги понудил компјутерите. „Прифатија и се договоривме со Стив дека ќе им испорачаат 100 компјутери. Во тој момент ние немавме ниту еден компјутер. Потоа ни позајми 15.000 долари и купи делови за да може да ги состави компјутерите. Но, исто така знаевме дека The Byte Shop не е редовен исплаќач. Значи, бидејќи Џобс и Возниак немаа никаков имот ниту заштеда, сиот ризик падна на мене. Имав куќа , автомобил, заштеда. Тоа е една од причините зошто го повлеков потписот од договорот и го напуштив Епл.“

„ Знаев дека стојам во сенка на џинови, уште тогаш се гледаше дека тие двајца ќе бидат успешни. А јас , во најдобар случај, работев за нив во администрација и никогаш не би можел да реализирам ниеден свој проект. Не сакав така да живеам 20 години,“ вели Вејн.

Тогаш го повлекол својот влог од 800 долари. Да останеше косопственик , денес неговите 10 проценти од Епл би вределе 67 милијарди долари.

„Искрено секогаш се борев да преживеам. Никогаш не бев богат, но не бев ни гладен. Се сметам за среќен човек. Еве, живеам во Невада и имам 82 години, а многумина би ми дале многу помалку години“ – во шега заклучи Вејн.

С.В.